Маж загина откако активирал рачна бомба на влезот од зградата на Основниот суд во Подгорица, јавува Вијести. Во експлозијата се повредени пет лица.
„Во 11:35 часот добивме информација дека во зградата на Основниот суд е активирана експлозивна направа и дека има повредени лица. Утврдено е дека загинал М.Б.(40) кој ја активирал експлозивната направа. Имаме уште пет повредени лица кои се згрижени во Клинички центар“, изјави Срѓа Кориќ од Криминалистичката полиција.
Директорката на Клиничкиот центар на Црна Гора, Љиљана Радуловиќ, соопшти дека во таа здравствена установа се згрижени седум лица, од кои пет се повредени.
Таа додаде дека сите се во стабилна здравствена состојба.
„Во тек се сите дијагностички процедури за да се утврдат повредите. Најважно е сите витални параметри да се стабилни“, рече Радуловиќ.
По експлозијата сите службени лица ја напуштија зградата на судот
Во моментот на експлозијата во судот имало голем број луѓе, јавува РТЦГ. Веднаш по инцидентот сите вработени ја напуштиле зградата.
Истрагата е во тек. На терен се полициски и екипи на итната помош, како и голем број граѓани.
„Екипи на Полициската управа и надлежни служби се на терен за увид и обезбедување на местото на настанот“, соопштија од полицијата.