Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн му го предаде раководството на лабуристите на Крис Хипкинс на состанок во Велингтон, откако тој доби мандат од партиските пратеници да биде идниот премиер на земјата, пишува Гардијан.
Хипкинс во среда ќе положи заклетва како 41-виот премиер на Нов Зеланд, откако Ардерн минатата недела објави дека поднесува оставка од функцијата лидер на земјата и официјално му го предаде раководството на вчерашната партиска средба.
Хипкинс беше единствениот кандидат на Лабуристите, кој беше едногласно избран од 64 пратеници за наследник на Ардерн, долгогодишен пријател и политички сојузник.
Тој најави дека неговата влада ќе биде фокусирана на егзистенцијални прашања кои секојдневно ги мачат обичните луѓе и на помагање на семејствата кои се борат „со тешки економски времиња“, истакнувајќи ги инфлацијата и високите цени на недвижностите како најголеми проблеми.
„Не треба да имаш шестцифрена плата за да купиш нова куќа“, рече новиот премиер.
Стапката на инфлација во Нов Зеланд и понатаму е висока, а цените на храната во декември пораснале за 11,3 отсто во споредба со истиот период минатата година, што е највисок раст во повеќе од три децении, пишува „Гардијан“.
Хипкинс на прес-конференцијата објави дека негов заменик ќе биде Кармел Сепулони, пишува британскиот весник.