Милијардерот и бизнисмен од Украина Костиантин Жеваго денеска се појави пред апелациониот суд во југоисточна Франција на рочиштето за украинското барање за негова екстрадиција.
На почетокот на рочиштето, судот во Шамбери го слушна барањето на неговите адвокати постапката да се одржи зад затворени врати, што судиите го одбија, објави Ројтерс.
Украинското државно истражно биро ДБР објави дека милијардерот се бара под сомнение за проневера и перење пари во врска со исчезнувањето на 113 милиони долари од банкротираната украинска банка „Финанс и кредит“.
Жеваго негираше дека сторил нешто лошо.
Адвокатот Франсоа Зимереј пред судот изјави дека рочиштето треба да се одржи зад затворени врати, „за да се скрие (од јавноста) некој кој никогаш не бил во затвор, кој не очекувал дека ќе биде, инаку не би дошол на француска територија“.
Адвокатот рече дека присуството на новинарите пред судот остава „впечаток дека на овој суд во Шамбери сме префрлиле дел од украинскиот политички живот“.
Жеваго е еден од најбогатите луѓе во Украина, а беше уапсен и приведен во Франција на крајот на декември минатата година на барање на Украина.
Од независноста на Украина во 1991 година, мала група елити наречени олигарси доминираа во политичкиот систем и економијата.
Претседателот Володимир Зеленски вети дека ќе ја намали улогата на олигарсите во економијата. Украина издаде потерница по Жеваг во 2019 година, а меѓународната потерница следеше во 2021 година.