Откако СДСМ одлучи да го исклучи актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски од своето членство, откако тој поднесе независна кандидатура за претстојните локални избори, со реакција се јави и Димитриевски, кој вели дека таквата одлука е нелегитимна.
Реакцијата на Димитриевски ја пренесуваме интегрално:
Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска,полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури нитаквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ.
Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржала. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат.
Јас по убедување сум социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија. И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб, стои во реакцијата на Димитриевски.
Никола Ивановски