Tерористичката група што ја нападнала граничната полициска станица Гошинце дошла од Kосово и тоа најверојатно со два автомобила, со кои ги носела вооружувањето и маскирните униформи. По нападот врз четворицата македонски гранични полицајци тие најверојатно таму и се вратиле. Ова го покажуваат првичните сознанија до кои е дојдено во истрагата што интензивно ја води македонската полиција и кои и натаму се поткрепуваат со нови сознанија и докази.
– На ова укажуваат нашите досегашни сознанија. Има повеќе индиции што укажуваат дека тие користеле едно или две возила и дека со нив се вратиле на косовска територија. Се паркирале веројатно подалеку од станицата Гошинце и потоа се доближиле пеш. На ист начин заминале од местото на нападот. Практично е невозможно да заминале на македонска страна бидејќи патот надолу е невозможен за патнички возила – изјави за ДНЕВНИК вчера Иво Kотевски, помошник-министер во македонското МВР.
Сознанијата укажуваат дека одредена логистика ја добиле во едно од селата што се во тој граничен појас, но с` уште не е јасно за каква помош станува збор. Инаку, косовското село Злокуќане е прво село најблиску до македонската караула. Од ова подрачје практично само за десетина минути со возила може да се замине далеку од местото на нападот со оглед на тоа дека патиштата се во подобра состојба отколку на македонската страна на границата.
Нападот на македонските граничари и истрагата за тоа биле и тема на средбата што високи оперативци на македонското МВР вчера ја имале со своите колеги од Kосово. Нашите претставници на косовските колеги им ги презентирале првичните сознанија за тешкиот инцидент при што е побарана и помош од нивната страна. Инаку, во својата прва реакција косовската полиција завчера веднаш ги отфрли тврдењата дека напаѓачите на македонската полиција во Гошинце дошле од Kосово. Портпаролот на косовската полиција Баки Kелани тогаш рече дека е информиран од македонските власти за инцидентот. Тој рече дека од страна на органите на косовските власти не се забележани какви било сомнителни активности во близина на границата со Македонија.
– Можеме да потврдиме дека полицијата го следи секое движење на сомнителни поединци или групи од страна на Република Kосово во Македонија и обратно пренесоа косовските портали.
Македонската полиција на граничното подрачје околу станицата Гошинце воспоставила контрола и таму се спроведуваат сите предвидени активности околу надзорот врз границата. Истражните екипи веќе ги собрале сите потребни докази и сега ќе следува нивна детаљна анализа и вештачење.
– Во овој момент не можеме да кажеме дека се идентификувани напаѓачите. На тоа се работи – додава Kотевски.
Во медиумите завчера се појави информацијата дека групата ја предводел извесен командант Џеваир Адеми од Гнилане, а логистичар на групата бил извесен Фарук. Наводно, биле препознаени и браќата Ерхан и Kадри Бајрами. Kадри Бајрами од село Станчиќ вчера демантира дека учествувал во нападот.
– Јас сум селски човек и цел ден се занимавам со домашна работа. Бев изненаден кога го слушнав моето име во вестите – вели Бајрами за Рајонипрес.