Агенцијата за млади и спорт додели ваучер во вредност од 11,9 милиони денари на Кошаркарскиот клуб Куманово, ваучери кои тимот ќе може да ги користи за добивање средства од фирмите, кои место за данок ќе ги пренасочат за спорт.
Покрај 11,9 милиони денари кои се на располагање на сениорскиот тим, а 1,4 милиони денари се обезбедени за младинските состави на клубот.
– Ваучерскиот систем кој што функционира во нашиот спорт дирекно допринесува за неговиот развој. Станува збор за средства кои ќе помогнат на спортистите да им се овозможат поквалитетни услоги за тренинг и настапи, како пред домашната, така и пред гостинската публика. Куманово е спортски град кој ја сака кошарката и навистина ваквиот начин на помош е добредојден, вели Александар Крстевски, претседател на КК Куманово.
Како што додава Крстевски, особено радува фактот што средства ќе се овозможат и за младинските категории со кои ќе се инвестира во нивниот подобар квалитет, а пред се во младите надежи на кошарката.
– Младинските состави на Кошакарскиот клуб Куманово остваруваат навистина извонредни резултати, па овие средства од т.н. „ваучери“ ќе бидат добредојдени за нивно уште поголемо усовршување. На тој начин се надеваме дека во иднина токму од овие редови ќе излезе квалитетен спортист, кој ќе го промовира и претставува градот и во македонската репрезентација, спортист кој ќе може да оствари интернационален успех и со кој ќе можеме да се гордееме, додава Крстевски.
Инаку, станува збор за средства од приватни компании, кои наместо данокот да го плаќаат на државата, од истиот се ослободени, под услов парите да ги вложат во спортските клубови.
Никола Ивановски