Кошаркарите на Куманово викендов на домашен терен бележат убедлива победа против вториот состав на МЗТ Уни Банка со резултат 95:65.
Балансирана прва четвртина имаа и двата тима што можеше да се види и на крајот од првите десет минути на паркетот, кога семафорот покажуваше 19:20 во корист на гостинскиот состав.
Во втората четвртина избраниците на тренерот Александар Петровиќ прикажаа подобра игра па на полувреме заминаа со предност од 43:38.
Второто полувреме целосно беше во знакот на кумановци, особено последната четвртина кога го надиграа противникот со 21 поен разлика.
Најефикасен во дресот на Куманово со 21 поен беше Теодор Атанасов, а двоцифрен број поени впишаа и Миодраг Тодоровиќ, Горјан Марковски, Марјан Јанески и Марјан Младеновиќ.
Кај гостинскиот состав со 13 поени најефикасен беше Андреј Андоновски, а поен помалку впиша и Марко Величковски.
По седумте одиграни кола Куманово и Работнички ја делат петата позиција во табелата со по 11 бода.