Триесет и едногодишен пациент вчера починал ненадејно во Општа болница Куманово, откако дошол ден претходно поради стомачни тегоби.
Како што појасни директорот на установата, Стефан Трајановски, завчера во вечерните часови се јавил за преглед поради стомачни тегоби во дневната болница на хирургија.
– Од дежурен лекар хирург е прегледан и му е аплицирана соодветна терапија. Пациентот си заминува и доаѓа во утринските часови повторно да се пожали дека ги има тегобите, му е дадена соодветна терапија по претгледот и по повеќе часови, околу 7 часот наутро е дојден на преглед, а околу 11 часот е дојден да ја прими терапијата, објаснува директорот.
Како што додаде тој, секунди по аплицирање на терапијата пациентот се пожалил на градна болка, терапијата е прекината и повикана анестезилошка екипа.
– По аплицираната терапија, по неколку секунди настанува градна болка, веднаш е прекината терапијата и е повикана анестезиолошка служба во целосна екипа и состав, анестезиолог со двајца техничари и е пристапено кон оживување. За жал немало позитивен одговор на оживувањето и пациентот е прогласен за починат, вели Трајановски.
Веднаш биле известени и полицијата и обвинител и е започната истражна постапка.
Директорот Трајановски појаснува дека од разговорот со вработените му било посочено дека се е сторено според протоколите, но повеќе детали ќе има утре по комисиски состанок во болницата.
Во дел од медиумите се појави информација дека пациентот бил алергичен на одреден лек кој што му бил аплициран, но директорот на болницата вели дека тоа е на ниво на шпекулации, а точно како настанала смртта ќе покаже истрагата.
Случајот е пријавен и во кумановската полиција.
– На 17.03.2025 во 11.35 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В.А.(32) од Куманово, по што му била дадена терапија, но по кратко време починал, велат од полицијата.
Како што се додава, по наредба на јавен обвинител телото било предадено за обдукција, а полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и извршиле разговор со сите присутни медицински лица.
Никола Ивановски