Изложба „Стеги“ на Илија Струмениковски во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Стеги“ од авторот Илија Струмениковски.

Loading...

Се работи за 20 слики работени во техниката акрил на хартија и претставуваат дел од најновата продукција на Струмениковски којшто живее и работи во Куманово.

Илија Струмениковски е роден 1940 година и зад себе има реализирано извонредна актерска кариера како театарски, филмски и телевизиски актер. Се пензионира во  2005 година, а за својата работа има добиено повеќе награди и признанија. Покрај актерството тој педесетина години се занимава и со сликарство остварувајќи дваесеттина  самостојни претставувања како и учество на повеќе групни изложби.

Од своето последно јавно презентирање, пред 9 години, па сè до денеска, авторот Илија Струмениковски остана верен на идејата дека уметноста може да го објасни светот, за што визуелно говори и во најновиот циклус “Стеги“. Развивајќи ја претходно поставената ликовна лексика, со пречистен цртеж и сложена

просторно-контекстуална композиција, составена од веќе познати архетипски елементи ставени во една симбиоза којашто извира од центарот на сликата, Струмениковски цврсто опстојува на изворно поставениот концепт: перманентната интеракција помеѓу животот и неговото опкружување проследено со незапирлива трансформација и модификација, како циклично поставена енергетска трансмисија на форми и бои во целиот раскош на комплексноста на постоењето.

Пишува: Роберт Цветковски, историчар на уметноста