Зоран Заев: СДСМ нема да учествува на изборите на 5-ти јуни (видео)

Сподели со своите пријатели

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да оди на избори. Конечната одлука доцна пред полноќ ја објави лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес конференција веднаш по распуштањето на парламентот.

Никола Груевски постојано го рушеше Договорот од Пржино. Избирачкиот список не се прочистува. Медиумски реформи не се прифатени. Притисоците продолжуваат. За нас, зборот навистина е збор. Не се откажуваме од принципите на коишто инсистираме. Заедно со цела демократска јавност. Во име на тој збор, во име на тие принципи, во име на демократијата, СДСМ нема да учествува на овие лажни избори – рече Заев.

Тој во своето обраќање упати обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ дека на секаков можен начин одбиваат да го испочитуваат договорот од Пржино со цел да го прикријат и амнестираат криминалот во своите редови.

ДИК, пред само 15 дена, едногласно усвои извештај за над 330,000 сомнителни гласачи во Избирачкиот список. До денес, 124.000 гласачи, мнозинството во ДИК одлучи воопшто да не ги проверува. Без причина. Без аргументација. До денес, повеќе од половината теренски проверени гласачи не се најдени на нивните адреси. Власта одбива да ги избрише. Пред два дана, власта го одби и предлог законот за медимски реформи предложен од страна на новинарските здруженија и синдикатот. Со тоа уште еднаш брутално го прекрши Договорот од Пржино и удри шлаканица на сите кои бараат професионални и слободни медиуми. Таму каде мртвите гласаат. Таму каде државјани на други држави гласаат во име на граѓаните на Македонија и каде партиските послушници ги крадат гласовите на вистинските гласачи. Таму каде што ги затвараат устите на сите кои мислат поинаку и кадешто на целата јавност и ги затвараат ушите за вистината. Таму нема слобода – вели Зоран Заев во своето обраќање до јавноста.

Првиот човек на опозицијата порача дека сепак Груевски, како што вели, нема да го згасне светлото и демократијата ќе се врати во Македонија.