ЖРК Куманово со четири репрезентативки на Македонија

Сподели со своите пријатели

Женскиот ракометен клуб од нашиот град ќе не претставува со дури четири репрезентативки и тоа три во кадетската категорија и една во сениорската категорија.

Селекторот на Женската кадетска репрезентација на Македонија, Јулијана Дамчевска, го објави списокот од 25 ракометарки кои ги повика за првиот собир од подготовките за ЕХФ Шампионатот што ќе се игра во Скопје од 31 јули до 6 август 2017 година. На списокот на репрезентативки од ЖРК Куманово се избрани Мила Трајковиќ, Тамара Ивановска и Јована Кипријановска. Собирот ќе се одржи во вторник (30 мај 2017 година) со почеток од 20:00 часот во Спортската сала „Автокоманда“ во Скопје.

Натпреварите од ЕХФ Шампионатот ќе се играат во СРЦ „Кале“ во Скопје во периодот од 31 јули до 6 август, а ќе настапат вкупно 10 репрезентации поделени во две групи. Македонија се наоѓа во групата А заедно со селекциите на Полска, Швајцарија, Грција и Фарски Острови.

Женската сениорска репрезентација на Македонија, по успехот во Квалификациската група што се играше на Фарски Острови, обезбеди пласман во баражот за пласман на СП 2017, каде за противник ја доби Шведска.

На списокот од ЖРК Куманово е Александра Боризовска. Првиот натпревар од двомечот со Шведска ќе се игра во СРЦ „Кале“ во Скопје на 10 јуни, додека реваншот е закажан за 13 јуни во Истад во Шведска. Победникот од двомечот ќе обезбеди пласман на Светското Првенство што во декември 2017 ќе се игра во Германија.

Ова е уште еден доказ дека стратегијата на клубот успешно функционира, а во иднина се надеваме на поголем број на репрезентативки во сениорската категорија. Избраните ракометарки ветија дека достојно ќе го претставуваат нашиот клуб, а се надеваат и на избор во потесниот список на репрезентативки. –изјавија челниците на клубот