Заврши манифестацијата „Месец на книгата“ во кумановската библиотека (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Библиотеката „Тане Георгиевски“ од Куманово ја одржа завршната манифестација по повод Месецот на книгата. Годинава, традиционалната манифестација се одржа во основното училиште „Христијан Карпош“, каде беа доделени награди и дипломи за најуспешните прозни, поетски и ликовни творби на учениците и награди за најуспешните од општинскиот натпревар „Млад библиотекар“.

Loading...

Учесниците на конкурсот твореа на темата „Книгите се уникатно пренослива магија“.

 

 

– Во текот на октомври библиотеката спроведе литературен и ликовен натпревар на кој учествуваа ученици од основните и средните училишта од Куманово, а се одржа и осумнаесеттиот натпревар „Млади библиотекари“ на кој првото место и припадна на ученичката Ива Додевска која ќе ја претставува кумановската библиотека на државниот натпревар „Млади библиотекари“ во Струга наредната година, изјави директорката на установата, Христина Алексовска.

Библиотеката „Тане Георгиевски“ континуирано работи и набавува нови книги на македонски, албански, српски и англиски јазик. До крајот на годината, надлежните очекуваат да се зголеми бројот на книги. Годинава, запишани се околу 1.500 читатели на одделот за возрасни и над 1.500 члена на одделот за деца.

 

Loading...

 

Околу 6.000 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно изнајмуваат книга. Дневно, на двата оддели за возрасни и деца минуваат околу 250 читатели. Најголем број од читателите се средношколци и студенти кои користат лектири и стручна лиетаратура, но значителен е и процентот на кумановци од различни генерации кои изнајмуваат белетристика и други жанрови.

Со книжен фонд од над 220.000 примероци, кумановската библиотека е меѓу најдобро снабдените во земјава.