Започнува реконструкцијата на кумановскиот театар

Сподели со своите пријатели

Кумановскиот театар ќе добие нов освежен лик, откако денеска започнаа првичните активности за негова реконструкција по вчерашното потпишување на договорот со фирмата Баџак инжинеринг од Скопје.

Loading...

Како што информираше Сашо Тодоровски, директор на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ под чија надлежност е кумановскиот театар, градежните активности треба да започнат веќе во понеделник.

– Се очекува првата фаза да трае шест до седум месеци, иако би сакале побрзо да се заврши, желбата и на компанијата изведувач е тоа да биде готово за четири до пет месеци, но сепак тоа зависи од повеќе фактори и можни непредвидени проблеми во текот на реконструкцијата. Рокот за завршување на градежните активности е до април 2022 година, изјави Тодоровски за Кумановски Муабети.

Првата фаза од проектот ќе опфати реконструкција и на надворешниот и на внатрешниот дел од објектот. Ќе биде реконструирана архитектурата, појасни Тодоровски, одредени делови ќе бидат срушени и повторно изградени согласно проектот.

– Реконструкцијата опфаќа и геомеханички испитувања, засилување на конструкцијата на самиот објект на делови каде тоа е предвидено со проектот. Ќе се уриваат одредени скали кои ќе се реконструираат, значи ќе имаме и внатрешна и надворешна реконструкција, кабините исто така треба да се реновираат, седиштата ќе бидат извадени од сцената, комплетна реконструкција на објектот, вели Тодоровски.

 

 

Loading...

Оваа фаза на реконструкцијата ќе чини 10 милиони денари, вклучително и надзор на проектот, а средствата се обезбедени преку Министерството за култура.

Тодоровски очекува дека за следната фаза ќе бидат одвоени барем двојно повеќе средства со цел театарот да биде целосно обновен.

Во меѓувреме, додека траат градежните активности во Театар Куманово, на сцената на Центарот за култура се крчка нова претстава. Кон крајот на месецов ќе се изведе претставата „Изгубени во времето“ која ќе биде посветена на здравствените работници и сите лица вклучени во борба против ковид пандемијата.

Претставата, како што појасни Тодоровски, ќе биде посветена за првите луѓе на браникот на јавното здравје, и тие ќе имаат можност да ја погледнат бесплатно.

Никола Ивановски

Leave a Reply