Захариева: Ќе се борам да ја вратиме довербата на граѓаните во јавното здравство

Сподели со своите пријатели

Со 29-годишно искуство во лекарската професија, Снежана Захариева ќе седне во директорското столче на Јавната здравствена установа Општа Болница Куманово.

Захариева доаѓа на позицијата на Ариф Љатифи со новите измени во раководните структури на институциите во здравството кои ги прави министерот Арбен Таравари. и вели дека е голема одговорност да се менаџира со здравствена установа која пружа медицинска помош на над 200.000 пациенти.

Министерството за здравство ми укажа доверба со тоа што донесе решение да ме назначи за нов менаџер на Општа Болница Куманово која е една од најголемите во Република Македонија. Голема институција која брои околу 660 вработени, институција која што згрижува над 200.000 пациенти, не зборам само за град Куманово, туку и за пациенти од целиот Североисточен регион, бидејќи како што знаете многу оддели по болниците и здравствените домови во најблиските општини во нашето опкружување згаснаа, така да оваа болница во буквална смисла на зборот има и стратешко значење – вели Захариева.

Според новиот менаџер на болницата, наталожените проблеми во текот на изминатите 11 години ќе се решаваат чекор по чекор, а најголем проблем е финансиската состојба на здравствените институции.

Се надевам дека ќе успеам чекор по чекор да ја вратиме довербата во јавното здравство, но и да го вратиме дигнитетот на професијата лекар, медицинска сестра, целокупниот персонал кој што тимски работи во оваа здравствена установа. Довербата кај пациентите е изгубена низ годиниве, но ние сме социјална држава која пред се, се лекува во јавното здравство, а и на крајот на краиштата ако од личниот приход одделуваме постојано парични средства на име здравствена заштита, здравствено осигурување, редно е да добиеме и адеквата здравствена заштита. Ќе биде тешко, ќе оди постепено тој процес, но се надевам дека ќе успееме да направиме чекор нанапред кон подобро – додава Захариева.

Еден од проблемите со кои се соочува кумановската болница и кој ќе биде предизвик за новото раководство е секако недостатокот на адекватен медицински персонал на одредени позиции. Захариева доаѓа од позицијата анестезиолог на која се наоѓа од 2005 година, а токму оваа професија е дифицитарна во целата држава.

Ќе направам лично усилби преку Министерството на здравство да се префрли кадар, најверојатно од скопските клиники или онаму каде што има во доволен број. Ова е горлив проблем на ниво на целата држава, но е лошо што низ годиниве младиве колеги не пројавија интерес за оваа професија која е мошне одговорна, можеби и неблагодарна, тоа е една итна служба со голема одговорност тешка специјализација, но не само да се најде замена јас планирам долгорочно да го решам овој проблем со ургентно распишување на специјализација и не само анестезиологија, туку да се дојде до стручен кадар и во другите бранши. Недостасуваат неонатолози, педијатри, интерниси од сите бранши – вели Захариева.

Захариева има завршено Медицински факултет во Скопје во 1988 година, а од 1989 година вработена е во Медицински Центар Куманово. Член е на  Советот на Општина Куманово, а своевремено беше и претседател на Општинската организација на СДСМ Куманово.

 

Loading...