Заев во Берлин: Македонија заслужува индивидуална проценка за членство во ЕУ

Сподели со своите пријатели

Главните амбиции на Република Македонија во 2018 година се почеток на преговорите за членство во ЕУ и земјата да стане 30-та членка на НАТО. Импулсот на ЕУ е изграден. Силно верувам дека Македонија заслужува индивидуална проценка. Ние сме кандидат за ЕУ од 2005 година.

Ова го истакна македонскиот премиер Зоран Заев на дебатата во Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин на тема „Од предизвици до перспективи: Демократските реформи и Евро-атлантска интеграција на Република Македонија“ за време на официјалната посета на СР Германија.

На дебатата, на која со свои коментари учествуваа и Михаел Рот, државен министер за Европа во Министерството за надворешни работи на СР Германија, и Курт Бек, претседател на Фондацијата „Фридрих Еберт“, премиерот Заев се задржа на актуелниот политички момент во Македонија, и истакна дека земјата беше во длабока политичка криза во 2015-2016 година, откако авторитарниот режим ја зароби државата и создаде тензии со соседите и внатрешна поларизација.

Loading...

– Успеавме да ја надминеме ситуацијата затоа што бевме обединети да ги заштитиме нашите основни демократски вредности и стандарди. Во периодот од две години се заложивме за поддршка на различни етнички групи, нагласи премиерот Заев.

Покрај тоа, истакна тој, за потенцирање е дека тој процес се отвори и за граѓанското општество, со кое, во заедничка мобилизација, беа мотивирани и граѓаните за да се кренат во одбрана на демократските права и слободи и владеењето на правото.

Премиерот Заев рече дека овие процеси го отворија патот за промените што настапија.

– Нови перспективи создадоа систем на добро владеење кој се заснова на четири столба. Инклузивното управување е првиот столб, со силна определба да изградиме независни институции, владеење на правото еднакво за сите и да ги прошириме инклузивните и пристапни јавни услуги. Концептот „Едно општество за сите” е наш втор столб, како е граѓанско-базиран концепт за премостување на етничките поделби. Третиот столб на нашиот систем на добро управување е рамноправен раст, и четвртиот неопходен столб посветен на добрососедската политика, рече тој.

Гостите на трибината во Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин посебно внимание посветија на делот на позитивен импулс за надминување на долготрајниот „спор за името“ со Република Грција.

Регионалната економска интеграција и имплементацијата на Акциониот план за процесот на Западен Балкан, поддржана од Германија, беше уште една успешна тема од интерес за публиката во Берлин, како успешна приказна од Балканот.

Во завршницата на своето обраќање, премиерот Заев нагласи дека „граѓаните во целиот регион се надеваат на нова генерација трансформациони лидери кои можат да го негуваат одржливиот мир и стабилност, да развијат соработка и да им служат на економските интереси и благосостојба на нивните граѓани“.

Во својот придонес во дебатата по обраќањето на Заев, државниот министер задолжен за Европа во МНР на СР Германија Михаел Рот, ја афирмираше позицијата на поддршка на земјите од Западен Балкан во нивните аспирации за членство во ЕУ, и нагласи дека секоја земја треба да се проценува според индивидуалните достигнувања.

Михаел Рот истакна дека покрај домашните политички реформи, за земјите од регионот е важен и економскиот просперитет и подобрувањето на животниот стандард за да ги мотивира младите да останат во своите земји.

-Не поставувајте црвени линии, туку седнете и разговарајте во врска со спорот за името, исткана Рот на дебатата, предупредувајќи на ризикот од испуштање на шансата, што сега постои, за затворање на овој долгогодишен проблем.

Loading...

Претседателот на ФФЕ, Курт Бек, му честиташе на премиерот Заев за успесите во спроведувањето на владините политики досега, и зборуваше за неопходноста од рамнотежа меѓу левите и десните сили на Западен Балкан, и дека без разлика на политичките разлики, да преовлада надминувањето на поделбите и да се создаде амбиент во кој нациите се солидарни и си помагаат едни кон други, соопшти кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија. /МИА

Leave a Reply