За околу 70 бегалци ТЦ Табановце стана втор дом

Сподели со своите пријатели

Вкупно 71 бегалец моментално има во кампот на Табановце, за кои Европа не сака да слушне откако се спуштија рампите на граничните премини.

Цели семејства веќе од февруари живеат во кампот и се надеваат дека еден ден ќе го продолжат своето патување кон европските земји каде ќе го живеат својот сон. Скоро половина од бегалците се деца за чија заштита се грижат македонските иснтитуции и хуманитарни организации.

Тие зацртале во своите глави дека треба да одат во земјите од Европската унија. Претежно се работи за Германија. Тие тоа сакаат и да го остварат. Овдека имаме разговори, информации и изјави од нивна страна дека отуѓиле имот и објекти за да имаат пари за пат. Но, им се случува блокада и од тој ден тука се останати кај нас, меѓутоа ова се дел од семејствата кои практично веќе немаат пари за да продолжат – вели Горан Стојковски, од РЦУК.

Но, црниот бизнис со криумчарење на мигранти повторно процвета со затворањето на границите. Пограничните села во кумановско-липковскиот крај кријат стотици бегалци, кои плаќаат огромни пари во надеж дека некој илегално ќе ги преведе на другата страна од границата, каде ќе продолжи нивната борба за подобро утре.

За оние пак кои останале без пари, Табановце стана втор дом. Соживеани се и со локалното население од селото, од каде често добиваат помош без притоа да бараат парична надокнада.

Оваа месно население не се соочува со кризната состојба од вчера. Ова месно население знаете со прогласување на кризната состојба од август 2015 имаат искуство со преминот на бегалците кон Република Србија во овој дел на територијата – додава Стојковски.

Можноста за нов бран мигранти не е исклучена, но границите се како вакуум простор, на југ македонската армија и полиција во придружба со колегите од европските земји, на север српските армиски и полициски сили тешко дека ќе дозволат поголем наплив на бегалци.

Политичката ситуација во Туруција со воениот удар го отвора прашањето дали 3,5 милиони бегалци кои се сместени во турските кампови исплашени за својата безбедност ќе тргнат кон Европа.

Очекуваме од северно-африканскиот бран и тој функционира сега по една од најтешките рути, тоа е Сицијалија, преку Јадранот и Медитеранот кон земјите од Европската унија, така да очекуваме и тој дел преку либија да се сврти од оваа страна, затоа што оваа рута во историјата на кризната состојба се покажа како најбезбедна рута и покрај криминогените активности на оние групи кои нелегално ги пренесуваат – рече Стојковски.

Тој најави дека кампот е подготвен за нов бран бегалци, но вели дека бегалците не сакаат да останат во Македонија, за што говори фактот дека од 1.500 лица кои биле на Табановце азил побарале само седум.

Единствено што е сигурно е дека ЕУ нема во скоро време да ги подигне рампите за бегалците, така да Табановце за овие луѓе уште некое време ќе биде кров над главата каде ќе добијат здравствена нега и топол оброк.