Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски, на неговата фан-страница на Фејсбук ги обелодени пораките кои се испраќаат на активистка од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“. Станува збор за пораки во кои поединец се заканува на родител, мајка со животот на нејзиното дете, причината затоа што била поддржувач на оваа граѓанска иницијатива.
На оваа тема денеска прес конференција одржа и портпаролот на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Николај Павловски кој вели дека пораките се испраќани на активистка на иницијативата.
– Згрозени сме од начинот на функционирање на поединци кои имаат за цел да се закануваат врз човечки животи и да ги плашат нашите активисти. Според нашите неофицијални информации со кои располагаме, станува збор за лице кое е поранешен осуденик и кое издржувало казна затвор, а во моментов е во штабот на СДСМ. Случајот е пријавен во Министерството за внатешни работи. Досега имаме пријавено многу случаи во МВР, но оваа институција не реагира, вели тој.
Од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ ги повикаа сите кои се соочуваат со закани и притисоци поради сопствено убедување веднаш да ги пријават.