Втора шанса за Законот за свиркачите

Сподели со своите пријатели

Борбата против корупцијата е една од областите каде на Македонија постојано и се упатуваа забелешки во редица извештаи на ЕК, а беше посочена и во Извештаите на Прибе за тоа како земјата треба да испорача резултати во контекст на итните реформски приоритети.

Законот за заштита на свиркачите, донесен во ноември 2015 година како една од обврските произлезени од Договорот од Пржино, што требаше да придонесе во справување со корупцијата, не ги даде очекуваните резултати. Популарно наречен и Закон за заштита на „свиркачите“, според изразот за укажувачи што се користи во американскиот закон, стапи во сила во март 2016 година, но досега, за жал, пред судовите во Македонија нема ниту еден предмет што се темели на нивни изјави.

Директорот за правни работи во проектот за владина одговорност од Вашингтон, Том Девајн, кој минатата недела на покана на Здружението на новинари на Македонија одржа предавање на тема „Улогата на медиумите во развојот на јавниот имиџ на укажувањето“ оцени дека Македонија има еден од подобрите закони за заштита на укажувачите (свиркачите) во Европа, но само на хартија, бидејќи се потребни значителни дополнителни законски измени и воспоставување соодветна структура за тој да почне да дава резултати.

– Еден од првите чекори што треба да се преземат во насока на исполнување на овие цели е Министерството и другите државни институции што имаат какви било надлежности во однос на имплементацијата на овој Закон да ја воспостават неопходната структура и систем за функционирање на Законот во пракса. Потоа мора да се обезбеди соодветна обука за вработените, за нивните раководители и за судиите кои би постапувале по такви предмети. И трето и најважно е да се обезбеди јавна кампања, односно целото население да се запознае со Законот и заштитата што тој  ја нуди, вели Девајн.

Тој посочи дека во САД ваквиот Закон постои долго време, но потребни им биле цели 40 години да се остварат некакви позитивни резултати. Во Македонија, според него, тоа ќе биде процес што бара напорна работа и време. Вели дека доколку сите ја остварат својата задача резултатите може да дојдат многу скоро.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани истакна дека Македонија го донесе Законот за укажувачи во 2016 година, но тој не е во согласност со меѓународните стандарди и речиси и не се спроведува оти, како што вели, системот се плаши од транспарентност и отчетност. Тој посочува дека суштински слабости кај Законот се начинот на пријавување на криминалот и казнување на лицата што ќе го откријат идентитетот на укажувачите

– Кај нас укажувачите наводите за криминал прво треба да ги пријават во институцијата каде работат, до Јавното обвинителство и полицијата, а ако тие не преземат ништо тогаш имаат право тие наводи да ги презентираат во јавноста. Во светот е обратно, укажувачите имаат право директно да ги пријавуваат злоупотребите на јавноста од институциите. Вториот пропуст е казните за лицата што ќе откријат идентитет на укажувач се многу ниски и практично укажувачите со вакви ниски казни се незаштитени, вели Селмани.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешенел Македонија“, која учествуваше во подготовка на Законот, истакна дека интензивно се работи на измени и дополнувања на постоечкиот закон меѓу другото врз основа на препораките од Венецијанската комисија, а се разговара и за изработка на сеопфатна стратегија за покревање на јавната свест за неговата содржина и за неговата примена. Како една од причините за нефункционалноста на законот ја посочи потребата од ресурси и во институциите и кај приватниот сектор.

– Институциите кои се надлежни за надворешно пријавување како МВР, Јавното обвинителство, Народниот правобранител и кај Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) едновремено треба да имаат и внатрешно пријавување за себе и своите вработени, односно имаат двострана улога. За нив ова е покомплицирано од аспект на обезбедување на капацитети, на ресурси. Тоа се главните причини зошто досега не заживеа законот. Ако ги прашате луѓето од ДКСК, кои се задолжени да изготват годишен извештај за примена на законот, ќе видите дека досега немаме ниту една пријава од укажувач, рече Тасева.

И статистиката, додаде таа, покажа дека многу малку институции востановиле систем за внатрешно пријавување, и оти е поголем бројот на приватни компании кои тоа го сториле.

– Единствена институција што нешто прави за надворешното пријавување е ДКСК, која на својата веб страница објавува како може тоа да се направи. Од МВР имаме информација дека актите се донесени и лицето е определено, очекуваме понатаму што ќе се случи, нагласува Тасева.

Според неа, во законите мора да се вградат механизми што ќе ги направат применливи, односно примените ќе ги направат задолжителни, бидејќи во институциите во јавниот сектор никој не претрпел последица затоа што изминативе две години никој ништо не направил за заштита на укажувачите и нема никаква одговорност – ниту последица, ниту контрола ниту пак, прекршок.

Во САД донесен првиот Закон за заштита на свиркачи 

Првиот Закон за заштита на „свиркачи“ е донесен 1979 година во САД.  Девајн, кој работи на одговорноста и отчетноста на власта од воведувањето на законот, од 1979 година до сега има работено во заштита на над 7.000 свиркачи во и надвор од САД, оценува дека неговото донесување претсавува вистинска револуција  во областа на легислативата.

Денес 37 држави низ светот имаат усвоени закони за заштита на свиркачите, а во уште 60 други држави постојат закони за нивна заштита, но во други сектори. Според него, укажувачите денес се многу успешни бидејќи преку реакциите на власта по нивните пријави заштитени се луѓето од различни кривични дела, неправилности во постапувањето на државните институции, но и во заштитата на човековото здравје и животната средина во целост.

– Преку укажувачите и тоа што тие имаат да го кажат може да се заштити земјата од големи катастрофи, да се спречи некој иден Чернобил. Во сферата на здравјето во САД беше откриено дека многу од млекото за пиење содржело материјали штетни по здравјето, што било резултат од укажувачите. Најголема заштита во сферата на здравјето и медицината се регистрира кај лековите, каде укажувачите откриле дека повеќе од 50 лекови соддржат штетни супстанци и на тој начин биле спасени повеќе од 50.000 животи на граѓани, што е еднакво на бројот на жртви од војната во Виетнам, посочува американскиот експерт.

Тој, сепак, нагласува дека најважен закон во однос на укажувачите во САД е Законот за лажни изјави, што ги штити сите оние кои ќе пријават случај на злоупотреба на власта. До 1986 година, кога овој закон бил усвоен, САД преку судски постапки успеале на годишно ниво да остварат поврат на средства во државниот буџет во висина од шест до девет милиони долари поради незаконско работење и разни проневери. Од неговото усвојување досега таа вредност била драстично зголемена, а во последните три години повратот на пари во државниот буџет го надминува износот од три милијарди долари годишно.

Искуства во регионот и Европа

Американскиот експерт Девајн како пример на добро функционирање на Закон за свиркачи ја посочува Србија каде законот е донесен пред 1,5 година и каде што е спроведена обука за сите заинтересирани страни, како и силна кампања за запознавање на населението со Законот и можностите што тој ги нуди, односно да се обезбеди знаење за законот и луѓето да бидат спремни да укажуваат, односно да посочуваат на корупција и криминал.

– Фактите се дека во Србија само во првите шест месеци од примената на Законот има десетици и десетици успешни случаи за разлика од САД, каде што во првите десет години од примената на Законот таквите случаи можеле да се избројат на прстите на една рака, вели американскиот експерт за заштита на свиркачи.

Во Италија, според Лука Трифоне од нивната Антикорупциска агенција (АНАК), Парламентот се уште расправа за закон за укажувачи. Она што тие го направиле е што им дале големи овластувања на лицата кои се одговорни за спречување на корупцијата и за транспарентност кои се назначуваат согласно измени во нивниот Закон за спречување на копупција.

– Во секоја администрација треба да има едно вакво лице одговорно за спречување на корупција. Нашиот избор беше ова лица да има надлежности и за укажувачите. Тоа лице треба да се погрижи и за заштита на иденитетот на укажувачот и ги прима пријавите од укажувачите, вели Трифоне.

Инаку, италијанското тело за справување со корупција располага со ИТ- платформа, која е изработена според највискои безбедносни стандарди, лесно е достапна за секого и се користи за прием и управување со пријавите од укажувачите.

Заштитеното пријавување во смисла на Законот за заштита на укажувачите во Македонија се дефинира како пријавување со кое, во согласност со овој закон, се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или дека е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување, со кое се повредува или се загрозува јавниот интерес.

Јавниот интерес при тоа се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Виолета Геров / МИА