Вработен во Општина Куманово ги демантира наводите дека е вработен преку роднински врски со Дамјановски

Сподели со своите пријатели

Емил Ташевски, вработен во Општина Куманово како мрежен администратор, до медиумите испрати свој демант по повод обвинувањата дека градоначалникот Зоран Дамјановски, вработува луѓе по роднинска линија, вест која неколку дена претходно беше објавена и пренесена на неколку портали, т.е Курир, Сител и Канал 5, како и агенцијата НЕТПРЕС.

Loading...

Демантот на Ташевски го објавуваме интегрално.

Пред неколку дена скоро сите провладини медиуми ја објавија веста за вработувањата по роднинска линија во локалните институции во Куманово. Со неверување го прочитав и своето име. Бев претставен, од причини непознати за мене, како роднина на градоначалникот Зоран Дамјановски.

Сакам под целосна материјална, морална и кривична одговорност да изјавам дека не сум во никаква родбинска врска со градоначалникот на Куманово.

Бидејќи бев ставен во оваа неблагодарна позиција, не по своја вина, би сакал дополнително да појаснам дека работното место Мрежен администратор во Општина Куманово го добив на регуларен оглас на основ на тоа што сум дипломиран инжинер по информатика на ФИНКИ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.

Поради тоа што огласот беше спроведен транспарентно, не дозволувам моето име да биде употребувано за дневните потреби на валканата пропаганда на партијата на власт.

Дополнително, во непотпишаниот текст, беше инсинуирано дека јас и останатите споменати не сме способни да ги извршуваме работните обврски кои ни се доверени. Изложувајќи го својот личен углед, би сакал да ја уверам јавноста дека моите способности им се добро познати на сите со кои до сега сум соработувал.

Би сакал, исто така, да ги запрашам наредбодавците и пред се извршителите на овие гнасни налози, дали мислат дека со ваквото ниско поведение имаат придонесено во масовното иселување на младите и квалификувани луѓе од Македонија. На истите би им порачал дека не сите вработувања кои тие ги немаат евидентирано во нивните партиски списоци се направени по партиска или родбинска врска.

Исфрустрирана, искомплексирана од последователните порази на локално ниво од градоначалникот Зоран Дамјановски немоќна со факти и дела да покаже дека нешто работи во Куманово, актуелната власт очигледно не бира средства и начини да се пресметува со политичките неистомисленици.

Со ова по којзнае кој пат властодршците ја покажаа својата ненаситна желба за општа контрола на буквално сите процеси во нашето општество. Сепак останувам длабоко убеден дека една поинаква, слободна и демократска Македонија е возможна и достижна во скоро време.

Емил Ташевски

Одделение за Информатика, Мрежен администратор во Општина Куманово