Во Куманово регистрирани нови 200 до 400 новозаболени лица од грип

Сподели со своите пријатели

Вкупно 5.041 нови случаи на грип или заболувања слични на грипот биле регистрирани во текот на изминатата недела, односно периодот од 15-ти до 21-ви февруари, информираат од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Во текот на седмата недела од годинава во Република Македонија од 30 извештајни единиципријавени биле 5.041 случај на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 243,6 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 19,2 отсто во однос на минатата недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,4 пати споредено со седмата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 2.059 случаи, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои зголемување од 81,4 отсто.

Наведените факти говорат во прилог на значително интензивирање на сезонската активност на грип која продолжува и оваа недела, и е над горната неделна граница на очекуван број на случаи (4.315).

И во седмата недела, најголем број заболени – 2.824 се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата/учениците на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени – 1.126 се пријавени од Центарот за јавно здравје Струмица, Центарот за јавно здравје Велес има регистрирано 625 заболени, Центарот за јавно здравје Скопје – 590 и Центарот за јавно здравје Битола – 375, додека за Куманово според картограмот на Инстиутот регистрирани се од 200 до 400 новозаболени лица.

kartogram

Вкупниот број пријавени случаи во текот на оваа сезона е 17.278, со инциденца од 835 на 100.000 жители. За истиот овој период, пријавени се два смртни случаи асоцирани со грип од Центарот за јавно здравје Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 63,9 отсто, а во однос на моделот за последните пет сезони исто така се регистрира зголемување од 35,8 отсто.