ВМРО-ДПМНЕ манипулира со жртвите од Диво насеље, реагира СДСМ

Сподели со своите пријатели

ВМРО- ДПМНЕ  продолжува со обидите за манипулација на јавноста, со бесрамно изнесување на невистини и дезинформации, реагираше денеска претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска по вчерашната прес конференција на советничката Невена Величковска, дека локалната власт не го прифатила предлогот да се постави спомен обележје на загинатите бранители од Диво Насеље.

Како што посочи Мургашанска Советот на Општина Куманово ниту расправал, ниту одбил да донесе одлука за поставување на споменик на припадниците на безбедносните сили, кои ги изгубија животите во настаните во Диво Насеље, од едноставна причина што не дојде до таков предлог од никого, па ни од опозицијата.

– Не беше прифатен само предлогот за формирање на Комисија за изработка на Програма за одбележување на значајни настани и личности, затоа што тоа е веќе опфатено со постојните работни тела на советот и усвоените програми.  Сведоци за тоа кој ја говори вистината се гледачите на директниот телевизиски пренос и целосната  снимка од вчерашната Единаесетта седница на Советот на Општина Куманово.  На седницата, со ниту еден збор не беа спомнати бранителите, со чие имиња сега бесрамно се манипулира, за дневно-политички потреби и ефтини политички поени. При тоа се поигрува со чувствата на семејствата на загинатите и  пошироката јавност, за настан за кој  се уште нема судска разрешница, но кој несомнено се случи во времето на владеењето на Никола Груевски и ВМРО- ДПМНЕ, како единствено одговорни  за мирот и безбедноста на граѓаните во тоа време, рече Мургашанска на денешната прес конференција.

https://www.facebook.com/kumanovskimuabeti1/videos/2129831860572383/

Loading...

Според Мургашанска ова е резултат на падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер.

На вчерашната прес конференција која советничката Невена Величковска ја одржа од партиското седиште во Скопје беше потенцирано дека Заев продолжува да гази по достоинството на бранителите и нивните семејства, и да ја потценува жртвата што ја дадоа македонските херои во Диво Насеље.

– Советот на општина Куманово вчера донесе срамна и скандалозна одлука, одбивајќи поставување на спомен обележје на: Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исмед Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ, македонски бранители кои ги дадоа својот живот за нашата татковина, рече Величковска.

https://www.facebook.com/kumanovskimuabeti1/videos/2129810377241198/

Меѓутоа, преслушувајќи ја снимката од 11. седница за која зборува советничката од опозицијата може да се заклучи дека такво нешто никогаш не било предложено до Советот.

– Предлог дополна на дневниот ред – одлука за формирање на Комисија за изработка на предлог програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен обележје за период од пет години. Главниот мотив кој го имаме при покренување на ваквата иницијатива и на ваквиот предлог е во насока на тоа што многу наши сограѓани заслужуваат да бидат одбележани за нивните дела во сите области на живеење во Општина Куманово, тука се опфаќаат од областа на културата, уметноста, спортот и настани кои се случиле на територијата на Општина Куманово, рече Величковска.

Со 12 гласа „за“, 17 „против“ и тројца „воздржани“ точката за одлука за формирање на Комисија за изработка на предлог програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен обележје за период од пет години, не се најде на дневниот ред.

Leave a Reply