Вкупно 70 случаи на заразни заболувања до сега регистрирани кај бегалците во ПЦ Табановце

Сподели со своите пријатели

Вкупно 70 случаи на заразни заболувања биле регистрирани до сега во Прифатниот центар за бегалци Табановце, меѓу кои и 40 цревни заболувања и 10 случаи на варичела, како најчесто регистрирани, стои во извештајот на Центарот за јавно здравје кој денес беше усвоен на 53та седница на Советот на Општина Куманово.

Десетте случаи на варичела, односно овчи сипаници биле регистрирани во период од 9ти март до 16ти мај, а од вкупниот број заразни заболувања 41% биле кај државјани на Сирија, а нешто помалку на Авганистанци и Иранчани, додека по еден случај кај државјани од Либија и Пакистан.

Од заразните заболувања најзасегната е северната граница, каде од осми март транзитниот центар преминува во Прифатен центар за бегалци, поради што од тој период започнува превентива на епидемиолошките болести и во фунцкија е ставена Службата за дезинфекција, дератизација и дезинсекција која работи 24 часа – рече др. Јадранска Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово.

Дваесет и четири часа, според зборовите на др. Стаменковска работи и амбуланта која им укажува помош на бегалците, а во периодот кога транзитираа илјадници бегалци неколку пати дневно се вршела дезинфекција.

Од март имаше појава на глодари и глувци па е извршена дезинсекција, а се врши и дератизација со оглед дека е можна појава на змии во летниот период, па ќе биде покрената и дополнителна заштита – истакна др. Стаменковска.

Инаку според последните информации од Регионалниот центар за управување со кризи на Табановце според состојбата од вчера има 185 бегалци.