Вицепремиерот Анѓушев и Димитриевски на средба со бизнис заедницата во Куманово (фото)

Сподели со своите пријатели

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, заедно со кандидатот за градоначалник од СДСМ, Максим Димитриевски, денеска, оствари средба со бизнис заедницата од Куманово, каде што ги објасни мерките на Владата за унапредување и развој на економијата во државата.

Тој нагласи дека ќе поминат во сите градови низ државата за да ја запознаат заедницата со мерките, бидејќи во овој период течат разговори врзани со услогласување на мерките, а програмата е во драфт верзија, се доработува, согласно препораките на меѓународните финансиски институции, од академските средини како и од бизнис заедницата од каде ќе ги слушнат забелешките.

Потсети дека веќе оствариле средби со бизнис заедницата во други градови, а најави средба со стопанствениците од источниот регион во Кочани.

– Мислам дека тоа ќе даде придонес да ја подобриме програмата во согласност со потребите на стопанството, а нормално согласно законските можности, изјави Анѓушев.

Мерките се базираат на три столба, додаде вицепремиерот првиот столб, во делот на општиот економски развој, вториот столб е за поддршка на извозно ориентираните компании, а третиот столб се однесува на малите и средните претпријатија.

Loading...

– Има значаен број на мерки главно тие се структурирани така да бидат балансирани, да бидат исти и за македонските и за странските компании, практично сите тие компании ние ги третираме за македонски компании и сметаме дека тоа ќе овозможи поддршка која што ќе биде транспарентна, која што нема да биде базирана на база на преговори и ќе биде, се надевам на крај на задоволство на сите граѓани во Македонија, бидејќи само со економски раст можеме да обезбедиме подобар живот за сите во Македонија, изјави Анѓушев.

Посочи дека стопанствениците во Македонија имаат најголема забелешка затоа што не биле третирани на еднаков начин како што биле и странските инвеститори, односно дека поддршката била насочена.

– Ние и понатаму странските инвеститори ќе ги поддржуваме можеби и уште посилно од тоа што досега било. Значи не сакам да се стекне впечаток дека некој има против тоа, напротив мислам дека сите тие се многу задоволни од мерките кои што сега ги има, бидејќи тие не се на база на преговори, туку се по една транспарентна шема и симулациите кои што ги имаме покажуваат дека странските инвеститори особено добрите странски инвеститори, компаниите што се добро познати интернационално тие би биле уште подобро поддржани со новите мерки, отколку со договорите кои што претходно ги имале, но по една транспарента структура и сега разликата е во тоа што и македонксите компании ги имаат истите права, рече Анѓушев.

Сите кои, како што рече, ќе бидат добри инвеститори и како македонски компании со македонски сопственици ќе ги имаат истите права и сметаме дека ќе биде добро, а тоа беше првата нивна забелешка. – Ние цело време зборуваме дека се поддржани 25 компании во кои што се вработени околу 23.000 вработени, што е точно, меѓутоа најголем дел од нив се превработени, значи не се прво вработени, туку 60 проценти се веќе превземени од македонските компании. Нерамноправен беше третманот каде што од една страна има компании кои што ги поддржувате за креирање на работни места, не плаќаат персонални даноци, немаат данок на добивка, а од друга страна треба на пазарот на трудот да се борат со македонските компании или македонските компании да се борат со првиве каде што мора да платат придонеси, нема добиено грант за креирање на работни места и се разбира тоа беше една нерамноправна положба, изјави Анѓушев.

Тој рече дека ќе ги поддржат оние фирми кои ќе дадат повисока плата од 50 проценти од минималната плата во Македонија. – Така што било која компанија странска или македонска, ако не даде минимална плата од 18.000 денари, значи 12.000 минимална и плус 50 проценти на таа сума е 18.000 нема да добие поддршка од државата, објасни вицепремиерот.

Додаде дека за високоплатените работни места мора да даде две плус просечни плати, односно тоа се 800 евра, две средни плати или просечни плати се околу 46.000 денари. – Значи дека ќе бидат поддржани само тие врабортувања кои што ќе дадат таква плата, рече Анѓушев.

Според него тоа се однесува на високо образовани кадри кои што да имаат едно пристојно примање за да можат да останат во Македонија и тука ја градат својата иднина.

Текст: МИА / Фото: Кумановски Муабети