ЖЕНИ ХЕРОИ: Вера Которка – Жената херој од Куманово

Сподели со своите пријатели

Вера Теодосиева Трајковска или позната како Вера Которка е родена на 2. Април 1925 година во Куманово. Била македонска партизанка, учесник во Народно-ослободителната борба. Во Сојузот на комунистичката омладина на Југославија била вклучена уте како ученичка на кумановската Гимназија.

Била еден од поистакнатите партизани, но и пообразованите, знаела германски, италијански и француски јазик што за тоа време е вистинска реткост.

Сепак загинала многу млада. На 25 годишна возраст, поточно во 1944. година била убиена на Осоговските планини, близу Пониква.

Можеби единствениот, но и најубав текст за тоа која всушност била Вера Которка, е објавен во првиот број на кумановскиот весник „Наш весник“, кој можете да го прочитате во продолжение.

Јуни 1944. Топлото сонце пржи. Воздухот трепери, а борците на Третата македонска ударба бригата чекорат изморени, бавно, во колона по еден. Бригадата туку што се вратила од напорниот и долг марш до Грција и назад.  Борците брзаа кон својата слободна територија, кон своите драги пријатели на Козјак. Челото на бригадата слегуваше кон Пробиштип, ги минуваше последните сртови на Осоговскиот масив, кога падна во заседа. Бугарите ја чекаа изморената бригада. Тие ги чекаа гладните, изморените борци и однапред се радуваа на својот пеколен план.

И згрмеа првите истрели. Партизаните полегнаа. Се разви нерамна борба. Нестана замор. Храбрите борци јуришаа на непријателот. Меѓу нив најхрабра беше Вера Трајкова – Которка. Таа смело напаѓаше, фрлаше бомби и ги храбреше своите другари да истраат во борбата.

Одеднаш некој шепна: Вера е ранета. А потем, потем бригадата проговори: Вера Которка е ранета другари, напред, напред на непријателот, на омразениот фашистички слуга. На јуриш!

Непријателот е разбиен. Бригадата е собрана. Тој ден за херојско држање Вера Которка е пофалена пред бригадата. Тој ден борците ја носеа Вера ранета. Ја носеа како сестра, нежно, за да не и причинат болка. А крвта липаше. Крвареше тешката рана под пазувата. Колоната одеше кон снежниот Козјак. А во средината Вера на носила, тешко ранета. Борците се сменуваа, ја носеа, ја прашуваа како и е, а таа им ја стискаше раката, ги бодреше. Одвреме на време преку нејзиното бледо лице ќе заигра кратна усмивка. Во еден момент Вера умре. Умре баш кога бригадата навлезе во слободната територија.

Тоа беше удар за секој борец, за секој оној кој ја познаваше Вера Которка, таа тивка, кратка средношколка, што во слободните часови знаеше да биде и сестра и другар, и да раскажува за себе, за борбата, за убавата иднина, таа Вера, која во борбата се преобразуваше во неустрашив борец, Вера која јуришаше на непријателските бункери и ги урнува.

Вера Которка за себе велеше дека е без биографија. Имала нерадосно детство, а својата младост и ја посвети на Партијата. Таа немаше време за љубов, за разонода, зашто Партијата и поставуваше многу задачи, а таа ги извршуваше со елан, самопрегорно, точно, упорно, без некоја резерва.

Окупацијата ја затечува како скоевка. Вера е ученичка во кумановската гимназија. Неуморно работи меѓу учениците, ја раскринкува окупаторската и поробувачката политика на Бугарите, говори за Народноослободителната борба на југословенските народи. Тоа го забележуваат властите, ја сослушуваат. Зарати тоа таа преминува во илегален живот. Таа живее скриена, но нејзината активност не престанува. Работи, зашто работата, во исполнувањето на партиските задачи, наоѓа смисла на својот млад живот. А кога веќе не можеше да опстане во градот, оди во одредот.

Другарите Вера Которка ја чуваат во убав спомен. Тивка, кротка, таа знаела секому да му се доближи, секој и се доверувал, многу борци во неа гледале своја сестра. Многу ја ценеле и сакале.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
„Наш весник“ број 1 (среда, 11 октомври 1961. година)

Leave a Reply