Уште двајца вработени во СВР Куманово имале лажни дипломи

Сподели со своите пријатели

Двајца полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Куманово заработија кривични пријави под сомнение дека имаа лажни дипломи, кои им ги издавал референт вработен на Педагошкиот факултет во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Така педесетгодишниот А.Ф. од Куманово пензиониран полициски службеник заработи неколку кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, „поттикнување“ и продолжено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.

А.Ф. бил вработен во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија како раководител на смена во Полициската станица Белановце, во текот на 2005 година стапил во контакт со З.К., кој го поттикнал да го запише на Педагошкиот факултет во Скопје и да му обезбеди  уверение за завршен факултет. Референтот злоупотребувајќи ја службената положба во документацијата на Педагошкиот факултет и тоа во матичната книга на запишани студенти и во главната книга на дипломирани студенти незаконски оформил предмет со што му овозможил да се стекне со уверение. Со ова, на А.Ф. на 03.05.2007 година му изготвил фалсификувано уверение за завршен VII-1 степен со што се здобил со стручен назив – дипломиран професор по одделенска настава.

По ова, А.Ф. ваквото уверение го употребил во правниот сообраќај како вистинито, заверувајќи го прво кај нотар во Куманово како валиден документ, а потоа го употребил во Сектор за заеднички работи во Регионалниот центар за гранични работи Север со кое бил регистриран како високообразован полициски службеник.

Во вториот случај СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.И.(45) од Куманово поранешен полициски службеник поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „поттикнување.ж

Ф.И. бил вработен во МВР како полициски службеник во Полициската станица Градиште до 2009 година кога со решение му е откажан договорот за вработување, а во 2003 година стапил во контакт со З.К., кој го поттикнал да го упише на Педагошкиот факултет во Скопје и да му обезбеди уверение за завршен факултет. Референтот на факултетот, исто како и во претходниот случај злоупотребувајќи ја службената положба во документацијата на Педагошкиот факултет и тоа во матичната книга на запишани студенти и во главната книга на дипломирани студенти незаконски оформил предмет со што му овозможил да се стекне со уверение.

Со ова, на Ф.И. на 04.05.2007 година му изготвил фалсификувано уверение за завршен VII-1 степен со што се здобил со стручен назив – дипломиран професор по одделенска настава. По ова, Ф.И. ваквото уверение го употребил во правниот сообраќај како вистинито, заверувајќи го прво кај нотар во Куманово како валиден документ, а потоа го употребил во Одделение за заеднички работи при СВР Куманово со кое бил регистриран како високообразован полициски службеник.

Документите им ги изготвувал З.К.(50) од Скопје референт за студентски прашања на универзитетот „Свети Климент Охридски“ и истиот има неколку кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба“ и продолжено кривично дело „фалсификување исправа“. Истиот до сега е вмешан во најмалку 10 вакви случаи, а првите откриени беа поврзани со високопозиционирани началници во СВР Куманово.