Уште двајца бугарски министри поднесоа оставки

Сподели со своите пријатели

Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за енергетика Александар Николов, двајцата функционери на политичката партија Има таков народ (ИТН), која најави повлекување од владејачката коалиција, денеска поднесоа оставки.

Loading...

Нивното заминување од владата уследи по оставките на Гроздана Караѓова, министерка за регионален развој и јавни работи и Радостина Василева, министерка за спорт.

Овие превирања во бугарската влада се резултат на одлуката на Слави Трифонов да ја повлече својата партија ИТН од владејачката коалиција и така сите четворица претставници на таа партија во кабинетот на премиерот Петков сега се министри во оставка, пишува бугарскиот портал Новините.

Причините за оставката на министерот Николов се чисто политички, но тој ќе продолжи да ги извршува уставните обврски до изборот на нов министер, се вели во соопштението од Министерството за енергетика.

„Причината за оставките е поврзана со партиската одлука. Има таков народ да ги повлечат своите министри од Владата“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Оставките треба да ги прифати премиерот и потоа да ги достави на гласање до Националното собрание.

Премиерот потоа номинира нови министри.