Уметникот од Куманово, Страхил Петровски со самостојна изложба во Њујорк

Сподели со своите пријатели

ACTION / REACTION / WOR(L)D” е насловен мултидисиплинарниот проект со кој македонскиот уметник Страхил Петровски се презентираше, пред публиката во Македонскиот културен центар (Gallery MC) во Њујорк, САД.

Loading...

Петровски преку мултидисцилинарниот проект го критикува современото дехуманизирано општество, осврнувајќи се на колективната и личната одговорност изгубена во денешнината на информацискиот хаос, ќе напише помеѓу другото кураторот, Маја Чанкуловска – Михајловска.

Во овој проект, Петровски се претставува преку повеќе целини во кои преку фотографии, зборови, текстови аплицирани на реди-мејд објекти, платна – знамиња, испишани пораки, графити, текстуални инскрипции, калиграфски знаци, букви, видео записи, ги пренесува разговорите кои се однесуваат на егзистенцијалните прашања со себе и другите…

На овој начин уметникот, пишува Чанкуловска – Михајловска, ги преиспитува цивилизациските вредности, деценските кризи, деструкцијата од секаков тип и уништувачкиот хаос кој речиси секогаш е неповратен.

Уметникот не претендира на визуелни претстави кои би понудиле толкувања или решенија на проблемите, туку верува дека истите ќе генерираат повеќе прашања во однос на проблемите на личната свест и совест во денешнината.

Страхил Петровски e роден во 1974 година во Куманово и е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломирал сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, на Факултет за ликовни уметности. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.

Loading...

Во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ, работи како советник – конзерватор и реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет, Скопје.

 Изложбата е поддржана од Министерството за култура.

Leave a Reply