Точката за преименување на кумановскиот плоштад може и да не се најде на дневен ред

Сподели со своите пријатели

Во текот на денешниот ден, до Советот на Општина Куманово е доставено барање за дополнување на дневниот ред од страна на советничката група “За подобра Македонија”, информира Максим Димитриевски, претседател на кумановскиот совет, поврзано со барање за изгласување одлука за промена на името на кумановскиот плоштад.

Loading...

Согласно Законот за локална самоуправа и Деловникот за работа на советот, вели Димитриевски, предлогот е легитимен, но самиот по себе носи дополнителна постапка, т.е изјаснување по предлогот за да биде ставен на дневен ред.

– Предлогот е легитимен, но истиот ќе биде ставен на изјаснување на првата седница во месец ноември бидејќи следната седница е веќе закажана, и содржи единствена точка, т.е советнички прашања. Доколку мнозинството од советот прифати да расправа по ваков предлог за промена на името на плоштадот, тогаш ќе навлеземе во постапка која што е предвидена со закон, дели Димитриевски.

Според претседателот на кумановскиот совет,  Куманово го засегаат многу поголеми егзистенцијални и инфраструктурни проблеми, а не промена на име на плоштадот.

– Ваквите несуштински иницијативи имаат за цел да ја дефокусираат кумановската јавност од актуелните случувања во државата и безбројните афери и злоупотреби на видни функционери од ВМРО ДПМНЕ, и сама по себе е популистичка и безпотребно ја отвара пандорина кутија во нашиот град, вели Димитриевски.

Сите ја сакаме Република Македонија, таа е наша држава и се` што имаме, но токму Куманово беше еден од најразвиените индустриски центри во државава која беше составен дел на тогашната сојузна држава Југославија во која нашите родители, дедовци и баби живееа среќно и изградија се`, додава  претседателот на советот.

– Не треба водејќи се од тесни партиски интереси, сами да си ја бришеме историјата. Неа треба да ја негуваме и да создаваме нова по која следните генерации ќе не помнат. Ајде да изградиме заедно нов плоштад во Куманово и да го именуваме “Независна Македонија”. Колегите нека се заложат кај премиерот Груевски, тој да оддели средства за еден таков проект во Куманово, а нека скрати од веќепланираните средства за садење на скапи врби и палми во Скопје. Но, како и да одлучат народните избраници, со кое име и како да го именуваме центарот на градот, во едно сум сигурен, а тоа е дека нашите кумановци повторно ќе го именуваат тоа место како Плоштад, додава Димитриевски.

Ставањето на точката за преименување на кумановскиот плоштад од “Нова Југославија” во “Плоштад Македонија” ќе зависи од тоа дали на седницата, за овој предлог ќе гласаат повеќе од половина присутни советници. Во спротивно, точката нема да се најде на дневниот ред, додава Димитриевски.

Со собирање потписи од граѓаните, од вчера, ОК на ВМРО ДПМНЕ ја официјализираше иницијативата за премиенување на кумановскиот плоштад, со поставување штандови низ градот, како и отворање на списоци во штабот на партијата во поранешна томбола.