Тереза Меј во посета на Скопје, воведен посебен сообраќаен режим

Сподели со своите пријатели

Делегација на Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, предводена од премиерката Тереза Меј денеска престојува во официјална посета на Република Македонија.

Церемонијата за добредојде на британската делегација, како што соопшти владината прес-служба, ќе се одвива на платото пред Владата на Република Македонија, по што е предвидена тет-а-тет средба меѓу премиерите Зоран Заев и Меј.

Според програмата за посета на Меј на Македонија, предвиден е и билатерален состанок на македонската и британската владина делегација.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери ќе приреди прием во чест на британската премиерка Меј, која, патем, ќе има обраќање. Поканети да присуствуваат на приемот се политичари, функционери, воени лица и идни лидери.

Претходно британската премиерка ќе се сретне со активисти на ЛГБТ заедницата по повод Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија.

Поради посетата на висока делегација од Велика Британија, денеска (17.05.) МВР ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Град Скопје. За време на официјалната церемонија што ќе се одржи пред зградата на Владата околу 15:10 часот, сообраќајот пред зградата на Владата ќе биде целосно затворен и пренасочен по околните сообраќајници.

За сообраќај околу 17:00 часот ќе биде целосно затворена и ул.„11-ти Октомври“ на потегот пред Собранието, односно делница од ул.„Даме Груев“ до бул.„Кочо Рацин“, а сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници. МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.

Leave a Reply