Температурите во јули над просекот

Сподели со своите пријатели

Отстапување од еден до два степени е регистрирано на средните месечни температури во текот на минатиот месец споредено со истиот период во изминатите години.

Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, средните месечни температури за јули се движеле од 18,3 до 27,2 степени целзиусови. Споредено со многугодишните просечни месечни вредности тие се повисоки за еден до два степени, а најголемо отстапување, од три степени целзиусови се случило во третата деката на јули во Маврово. Инаку најниската средна месечна температура е регистрирана во Лазарополе, додека највисоката во Демир Капија и Гевгелија.

Исто така, средните минимални и средните максимални температури на воздухот на повеќето мерни места биле над просечните вредности.

Особено високи максимални дневни температури над 40 степени биле измерени во јужните и југоисточните делови од државата. Највисоката била регистрирана во Гевгелија 41,5 степени целзиусови, најниската максимална вредност повторно во Лазарополе, 30,7 степени.

Сепак овие температури не се повиоски од апсолутните максимални температури досега измерени за месец јули.

Најголемата месечна сума на врнежи во јули била измерена во Гевгелија 82 мм и Струмица 59мм.

Јули бил сушен месец за Лазарополе, Маврово, Скопје, Охрид, Штип и Крива Паланка каде отстапувањето на месечните суми на врнежи се движи од 97-50 проценти помалку од просекот. За разлика од останатите мерни места, само во Гевгелија, Струмица, Демир Капија и Берово истите биле над или во рамките на просекот.

Најмногу врнежи биле забележани во втората деката од месец јули и тоа на подрачјето на Гевгелија.

Информациите се изготвени според мерењата и податоците од Главните метеоролошки станици на метеоролошкиот набљудувачки систем на УХМР за период од 1951 до 2017 година.