Канада беше погодена од бран на рекордна топлина, а стотици ненадејни смртни случаи се поврзани со топлотниот бран, соопштија канадските власти.
Според официјалните податоци, во изминатите пет дена биле регистрирани 486 смртни случаи само во провинцијата Британска Колумбија, што е зголемување за 195 проценти во споредба со смртните случаи во овој период од претходните години, пренесува Би-Би-Си.
Премиерот на Канада, Џастин Тридо, изрази сочувство на семејствата на починатите, од кои многумина биле постари лица.
Низ Северна Америка се измерени невообичаено високи температури за овој период од годината, а шефицата на погребната служба во Британска Колумбија, Лиза Лапуант, вчера изрази верување дека зголемената смртност е поврзана со екстремните временски услови во оваа канадска провинција.

Таа нагласи дека многу од починатите живееле сами во куќи кои немале добра вентилација.
Во северозападниот дел на Соединетите Американски Држави, вчера биле пријавени 63 смртни случаи поврзани со топлотниот бран во државата Орегон, а само во областа Малтнома, недалеку од Портланд, од петокот починаа 45 лица, пренесува Ројтерс.
„Ова е навистина здравствена криза која потврди колку може да биде смртоносен бран на екстремна топлина. Како одминува летото, времето ќе биде уште потопло и ќе се соочиме со повеќе ситуации како оваа“, предупреди д-р Џенифер Вајнс, раководител на здравствената служба во областа Малтном.

