Стојчевски: Прашањата на ВМРО-ДПМНЕ беа со цел моја лична дискредитација

Сподели со своите пријатели

Поставните прашања на вчерашната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ беа со цел моја лична дискридитација, рече директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Даниел Стојчевски кој потенцираше дека се преземени мерки за заштита и хигиена на затворениот градски базен.

За наводната забрана за влез  родители кои треба да им помагаат на своите деца, за кој вчера обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Милан Давидовиќ, директорот на комуналното претпријатие кое стопанисува со базенот, вели дека тоа е направено од безбедносни и хигиенски причини, при што на тренерите им било посочено тие да ја преземат грижата за децата.

– Од страна на родителите имаше укажување дека дел од дечињата се мали и не можат сами да се снајдат за што им беше дозволено, за децата до четири, пет или шест години да влезат родителите и да им укажат помош. Разговаравме со самите родители и тој проблем беше решен. Тоа го сторивме со цел да ги заштитиме дечињата од проблемите кои настануваат во текот на одржување на тренажниот процес, како и заштита на самата хигиена на градскиот базен. Не може секој да влегува во соблекувалните, затоа што подоцна може да настане штета  и да се одрази врз здравјето на дечињата, за што лично ќе бидам одговорен јас, вели Стојчевски.

Директорот на „Чистота и зеленило“ повторно ги демантираше наводите за плаќање влез од 100 денари во соблекувалните, за што вели дека нема ниту законска можност за таква наплата.

За наводната загрозеност на приватноста и безбедноста на корисниците од страна на вработен на базенот, за што исто така алармираше ВМРО-ДПМНЕ, директорот Стојчевски вели дека пропусти има направено лице кое било ангажирано преку проект за вклучување на лицата со посебни потреби и хендикеп во пливањето.

– Во моментов се преземаат мерки и се води постапка за точно утврдување на тоа што се има случено. Имав разговори во текот на вчерашниот ден со родителите на децата, од нивна страна имаше разбирање, но наидов на големо разочарување зошто овие работи се злоупотребуваат или се употребуваат за постигнување на дневно-политички поени, изјави Стојчевски.

Во однос на дивите депонии и нарушената хигиена, што беше уште една тема на вчерашниот прес на опозицијата, Стојчевски вели дека во изминатите четири месеци истите се исчистени преку 30 пати.

– Имаме изнесено голема количина на смет, редовно се грижиме за отстранување на ситните диви депонии, но за поголемите диви депонии како што знаете потребна е дополнителна механизација и огромен број на ресурси. Сепак ние се трудиме и организираме често такви акции, совеста на граѓаните за жал е на доста ниско ниво и повторно тие диви депонии се создаваа. За работата на јавното претпријатие додека јас сум менаџер, покажуваат самите факти и податоци и на крајот граѓаните, додаде Стојчевски.

И од аспектите на ресурсите и финансиите претпријатието се соочува со проблеми, вели Стојчевски, кој сепак изрази убеденост дека јавното претпријатие во иднина ќе постигне поголем успех.

Leave a Reply