Сто и дваесет бегалци од Табановце се вратени во Гевгелија

Сподели со своите пријатели

Од вкупно 620 бегалци кои со денови се заглавени во Прифатно – транзитниот центар Табановце на македонско – српската граница, во текот на вчерашниот ден, 120 од нив се вратени со воз за Грција,  јавува Регионалниот центар за управување со кризи.

Во моментот, таму се наоѓаат бегалци од Авганистан, Ирак но и еден економски мигрант од Мароко. Тимовите на итна медицинска помош интервенирале при влошена здравствена слика на едногодишно бебе, кое по болничка интервенција е вратено на ПЦ Табановце.

Во меѓувреме како што јавува РЦУК, во кампот дошло до одбивање за извршување на работни задачи од страна на задолжените хигиеничари одговорни за чистење на шатори, во услови кога тие не знаат под чија ингеренција се, односно, дали тоа е Црвен крст или МТСП, па дошло до реакција со одбивање да се чисти кругот на ПЦ Табановце. Хигиеничарите бараат средба со претставник на МТСП за да се разреши нивното прашање.

Во дневниот извештај на РЦУК е наведено дека приватна фирма во моментот работи на поставување на тоалети, и се израмнува тампонирата зона.

Од страна на ЦЈЗ е извршена редовна дезинфекција, со добиен извештај за исправноста на водата за пиење во кампот, а од страна на ЈП Чистота и зеленило се изнесени 30 контејнери и 30 канти индустриски смет.