Спасовски од Куманово: Избори на 5 јули – било какво пролонгирање не е можно

Сподели со своите пријатели

Изборите ќе се одржат на 5ти јули, најави денеска техничкиот премиер и носител на листата кандидати за пратеници од Изборна единица 2, Оливер Спасовски, по координација на Регионалниот штаб во Куманово.

Loading...

Како што рече тој, било какво пролонгирање не е можно, ниту од правен ниту од праведен аспект

– По сила на закон, изборите се на истекот на 22 дена после завршување на вонредната состојба. Тоа е единствената опција пропишана со закон и не постои никаков друг правен механизам, рече Спасовски.

Како што појасни тој, на граѓаните треба да им е јасно дека не е добро, ниту пак возможно, Владата бескрајно да ја има улогата и на извршна и на законодавна власт.

Секој термин за избори кој ќе навлезе во летниот период, ќе го загрози гласачкото право на граѓаните, зашто ќе го спротивстави со правото на одмор. Избори после 5 јули ниту се правно возможни, ниту се праведни кон граѓаните – едноставно не бива избори среде летни одмори, рече Спасовски.

Според Спасовски, избори на есен се опасна идеја по здравството и економијата, а државата не смее да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент.

– Затоа, со ова последно продолжување на вонредната состојба, датумот за изборите се фиксира на 5-ти јули.  Ги повикуваме сите партии, особено ВМРО-ДПМНЕ да преземат одговорни чекори и да бидат дел од решението, наместо да бидат извор на проблеми. Изборите се неопходни за да продолжиме да се справуваме со кризата и колку побрзо ги направиме, толку подобро ќе бидеме подготвени за борбата која ни претстои.  Тие се поважни за здравјето на граѓаните и од кафеаните, и од спортските натпревари, и од славите и веселбите.  Ако можеме да пазаруваме секој ден во маркет и на пазар, да седиме во ресторан или на состанок под мерки на заштита, сигурно можеме да одиме на избори. Секој од нас има одговорност за после 5 јули граѓаните и државата добијат нов парламентарен состав и нова Влада со целосен легитимитет и одговорност. Тоа е важно и од здравствен, економски но и од демократски аспект, рече Спасовски.

Државата и институциите, според Спасовски имаат капацитет согласно протоколите за заштита да обезбедат 100 проценти безбеден изборен ден.

Loading...

– Сакам да нагласам дека свесни сме дека многу од граѓаните се загрижени за најновата здравствената ситуација.  Овде сме да ве увериме дека нема простор за паника иако мора да знаеме дека вирусот не е за потценување. Зголемувањето на бројките на заболени се должи на два фактора: саботажите и крајно неодговорното однесување на Наќе Чулев и неговиот ментор Мицкоски, а влијание има значително зголемениот обем на тестирање, како и олабавувањето на мерките заради потребата животот да продолжи а економијата да се рестартира. Нашите здравствени експерти ја следат ситуацијата, нашите медицински капацитети се сериозно зголемени и подготвени да одговорат на секој предизвик, изјави Спасовски.

Како што додаде тој, секој институциите имаат обврска да го санкционираат секое прекршување на мерките.

Никола Ивановски

Leave a Reply