Спасовски: Нема акција во кумановско, апел да не се создава паника

Сподели со своите пријатели

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од пред полициската станица во Матејче порача дека синоќа немало никаква полициска акција, а полициското засилување е само превентивно делување поради мигрантската криза и обидите за илегални премини.

Имаме зголемено присуство на терен зашто во овој период ќе имаме предизвици и тука и во регионот поради бегалската криза. Затоа е зголемено присуството овде. Не би сакал да се создава фама и страв кај населениот зашто нема потреба за таква работа, имаме соработка со населението во овој регион и сите треба да бидат спокојни зашто МВР ги презема сите мерки што се потребни. Синоќа немаше акција, имавме зголелемо присуство на овој терен во светло на кризата што ја имаме, а кумановско-скопскиот регион треба да биде под поголем надзор, зашто е северен дел од границата, имаме често илегални преминувања, знаете дека имавме влез на мигранти и претходно преку оваа граница – рече Спасовски.

Безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија ги оправдуваат сите средства кои ќе се применат. Сите информации и контакти вчера беа дадени, и затоа сум денеска тука, да разговараме, за да се смират тензиите и да не се создава паника.

Министерот на прашањето дека имаше информации во некои медиуми дека полициското засилување е поради влез на вооружена група од Косово, кажа дека тоа не е точно.

Тоа се шпекулации дека влегла група, сето што го кажав претходно а се однесува во рамките на превентивното делување е целта на ова полициско зајакнување, рече тој.

Тој кажа дека немало никакви претреси, и дека засилените полициски контроли се поради бегалската криза и можното нарушување на состојбата со обидите за илегелано преминување и криумчарење на мигранти.

Преземено од: а1он.мк