Спасовски: Изборниот ден мина во мирна и фер атмосфера (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата по завршувањето на изборниот ден од првиот круг на локалните избори.

Loading...

Најнапред дозволете ми на сите граѓани да им честитам за денешниов изборен ден, кој што мина во една мирна и фер атмосфера, како што впрочем и доликува на секоја демократска и слободна земја. Искористувајќи го слободно и непречено своето загарантирано право на глас, граѓаните уште еднаш ја демонстрираа својата зрелост и одговорност да одлучуваат за иднината на својата земја.

Од досега пријавените случаи, МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на изборниот процес и на јавниот ред и мир во текот на гласањето. До 19.00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 40%, во споредба со изборите во јули 2020 година. Така, годинава се пријавени 91 настан, за разлика од претходните избори кога беа пријавени 151 настани.

Во текот на денешниот ден досега беа пријавени 42 случаи на агитирање, како најчеста појава овој изборен ден, од кои седум се отфрлени како неосновани, а по останатите се постапува, но и во овој сегмент повторно бележиме намалување од околу 40% за разлика од 75-те пријавени случаи на агитирање на минатогодишните избори. Потоа, евидентирани се 13 пријави за изборен поткуп, од кои пет отфрлени како неосновани, 7 за упатување закани или вознемирување гласачи, 6 случаи за фотографирано гласачко ливче, 3 за излепен пропаганден материјал, по два настана за нарушување на јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачки места, за фотографирање гласачи, два за уништување гласачки материјал, по еден за фрлени гласачки ливчиња, гласање од страна на Ковид позитивно лице, попречување гласање, како и една кривична пријава за настан случен за време на молкот. Ова се покарактеристичните настани во текот на овој изборен ден, пријавени досега.

Најголемиот број пријавени настани се на подрачјето на СВР Скопје-22, СВР Штип-19, СВР Куманово -16, СВР Битола -14, СВР Тетово – осум, СВР Велес-пет, СВР Охрид-три, СВР Струмица-три и едно известување од Секторот за компјутерски криминал, а се однесува за подрачје на СВР Скопје.

Пријавени се 7 случаи во кои се инволвирани полициски службеници, од кои 6 се проверени и од нив само две се основани (а се во врска со агитирање при вршење службени дејства), а еден е во фаза на расчистување.

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сите припадници на Министерството за внатрешни работи, кои што во текот на целиот изборен процес, но и денеска, на самиот ден на изборите, одговорно ги извршија своите работни задачи и овозможија целиот процес да се спроведе мирно и безбедно, согласно сите законски прописи.

Би сакал да упатам посебна благодарност до граѓаните, кои беа партнери на македонската полиција и сериозно ја сфатија нашата заедничка цел – законитоста, редот и безбедноста, затоа што заеднички придонесовме за фер и демократски изборен процес. Благодарение на нивното навремено пријавување во МВР, полицијата можеше веднаш и соодветно да одговори на пријавените незаконски активности во врска со изборниот процес, евентуални нарушувања на избирачкото право или нарушувања на јавниот ред и мир, со цел да се спречат сите злоупотреби на ова уставно загарантирано право.

Loading...

Значи, можам со задоволство да констатирам дека имавме изборен ден со незначителен број на неправилности, без сериозно нарушување на јавниот ред и мир. Уште еднаш им честитам на граѓаните и институциите на одлично спроведениот прв изборен круг на локалните избори, како што ѝ доликува на демократска земја, која што претендира да стане дел од европското семејство.