Советниците утре ќе гласаат црквите и џамиите во Куманово да не плаќаат комуналии

Сподели со своите пријатели

Советниците на Општина Куманово утре ќе ја одржат редовната 45 – та седница со деветнаесет точки на дневниот ред.

Loading...

Според агендата, советниците ќе дискутираат за програмата за работа на ЈП „Куманово – паркинг“ – Куманово за 2016 година, програмата за користење, одржување, реконструкција и изградба на јавното осветлување на подрачјето на Општина Куманово за 2016 година, како и за програмата за повластено користење на паркинг услуги на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Куманово – паркинг“ – Куманово од страна на лица со посебни потреби за 2016 година.

Помеѓу деветнаесетте точки, ќе стане збор и за предлог – програмата на културни манифестации на Општина Куманово за 2016 година, за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести но и за годишна Програма за 2016 година на Фондација за култура и спорт „Куманово“ – Куманово.

Советниците ќе гласаат и за предлог – одлука за давање согласност за реализација на проектот „Градба на локален патен правец с. Четирце – с. Никуљане, како и за предлог – одлуката за давање на користење на возило на Јавното претпријатие ,,Чистота и зеленило“ – Куманово.

Од делот на точките поврзани со урбанизмот, советниците ќе се изјаснат по предлог – одлуката за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект на Македонска православна црква – Охридска архиепископија – Скопје, Кумановско – Осоговска Епархија, како и за објектот на Исламската верска заедница на Република Македонија – Скопје, Муфтиство Куманово.