Со ноќната улична трка ќе започне одбележувањето на Денот на градот

Сподели со своите пријатели

Со ноќна атлетска трка низ улиците во градот во петок ќе започне одбележувањето на Денот на ослободувањето на Куманово.

Трката е во организација на Атлетскиот клуб Куманово, а во соработка со Општинскиот сојуз на Спортови и Атлетската федерација на Македонија, а под покровителство на градоначалникот и локалната самоуправа.

И годинава дел од ноќната трка ќе бидат ученици од основните и средни училишта во градот, но и професионални атлетичари од целата држава, а деновиве ќе се знае дали трката ќе добие меѓународен карактер, со учество на алтетичари од Бугарија и Србија.

– Ќе има главна трка пет километри за машки и три километри во женска конкуренција и ќе има трки за училиштата од Куманово, училишни трки на шесто и седмо одделение, за осмо и деветто одделение трка на 600 метри и за средните училишта трка на 800 метри. Сите тие категории во училишни трки ќе се одржат и во машка и во женска категорија, така да ќе имаме шест трки во оваа категорија. Со натпреварите започнуваме во 17:30 часот, а главната трка ќе уследи во 18?30 часот, ќе има кружен тек, ќе се врти релацијата исто како и лани, женската трка ќе има два круга, а машката трка ќе има три круга, изјави Филип Колевски, тренер на Атлетскиот клуб Куманово.

Сите атлетичари ќе добијат признание на учествата, а за најдобрите ќе следуваат и медали за постигнатите успеси.

Стартот и целта на трката ќе бидат на градскиот плоштад, а патеката ќе ги опфати улиците Доне Божинов, „3 МУБ“, „Народна револуција“, „Ленинова“, а во периодот од 17:30 до 19:30 часот до кога ќе се одржуваат трките улиците ќе бидат затворени за сообраќај.