Со 3,2 промили алкохол во крвта удрил во автобус со бугарски патници кај Страцин

Сподели со своите пријатели

Жител на Кратово се здобил со тешки телесни повреди при судир на товарно возило „волксваген кади“ и автобус на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, во близина на Страцин, објави вчера Канал 5.

Во сообраќајната несреќа што се случила вчера во 16 часот и 30 минути повреден е 47 годишен кратовец, возач на „пикапот“  со кумановски регистарски таблички кој во моментот бил сам во возилото. За среќа, 49 –темина  патници во автобусот со бугарски национални ознаки кои што вчера биле на еднодневна екскурзија во Скопје и се враќале назад,  не се повредени.

Според информациите на СВР Куманово, „пик-апот“ се движел од Крива Паланка кон Куманово, по што возачот изгубил контрола и преминал на спротивната сообраќајна лента  и се судрил со автобусот кој пак се движел од Куманово кон Крива Паланка.

Веднаш по сообраќајката, повредениот со возило на Итна помош бил префрлен на Хирургија во кумановскиот Ургентен центар каде што по испитувањата било констатирано дека има скршеница на ребро заради што  е задржан на болничко лекување.

Како што соопштија од СВР Куманово, возачот кој што ја предизвикал сообраќајната несреќа бил под дејство на алкохол, 3,2 промили алкохол во крвта му биле измерени веднаш по несреќата.