Скопјани одгледувале канабис во Ранковце

Сподели со своите пријатели

По претходно добиени сознанија дека на подрачјето на селото Ранковце, кривопаланечко, има насади од растението „Канабис сатива“, лоцирани на м.в „Блидечка река“, од страна на полициски службеници од Оделот за недозволена трговија со дроги и опијати Куманово и ПО Ранковце преземени се оперативно – тактички мерки, при што на 23.08.2016 година во 14.30 часот лишени се од слобода С.С (41) од с.Синѓелиќ, скопско, и Д.А. (41) од с.Стајковце, скопско, додека ги наводнувале насадите, информираат од Министерството за внатрешни работи.

По овластување на Јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Куманово. Притоа биле пронајдени и запленети вкупно 63 стебла од непознати растенија во големина од 0,7 до 2,5 метри, кои се откорнати и со потврда за одземени предмети се одземени. Одземени биле и едно кесе од ѓубре, една пластична туба бела боја и една пластична кофа црвена боја.

По целосно расчистување и документирање на  настанот ке биде поднесена кривична пријава против С.С и Д.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.