Седум милиони денари од ЈП „Куманово паркинг” префрлени за идната година

Сподели со своите пријатели

Седум од вкупно предвидените 24 милиони милиони денари за годишно работење на ЈП „Куманово паркинг“ во чија надлежност е јавното осветлување, со усвоениот ребаланс на буџетот на општина Куманово се префрлени за идната година.

Префрлувањето на средствата за идната година, велат надлежните од претпријатието, нема да влијае врз планираните и отпочнатите проекти за завршување на оваа година.

– Ние продолжуваме со работа и со остварување на програмата за 2017, а истите работи кои ќе бидат завршени годинава, наредната, ќе бидат исплатени, изјави директорот на ЈП „Куманово-Паркинг“, Фадиљ Шабани.

Тој потсети дека оваа година е поставено ново улично осветлување кај стариот градски парк и на улицата „Братство и единство“.

– Досега, секоја година, беа планирани по четири милиони денари за поставување ново осветлување. Годинава, тие проекти ги завршивме и продолжуваме со реконструкција, со поставување нови арматури и поправање на старата мрежа, посочи Шабани.

Тој најави дека со градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, разговарале за отпочнување на пилот проекти за поставување штедливи светилки на некои реони во градот.

– Штедливите светилки чинат повеќе, но согласно последните разговори што ги имавме со градоначалникот, ќе настојуваме да работиме во тој правец и најверојатно во 2018 година ќе направиме пилот планови во кои ќе бидат вклучени и заинтересирани фирми и граѓани и ќе увидиме колку ќе заштедиме по тој основ, појасни Шабани.

Врз основа на резултатите од штедењето претпријатието ќе направи планови за наредните години, согласно кои постоечки светилки постепено ќе се заменат со штедливи светилки.

Замената на светилки и опремата за нормално функционирање на јавното осветлување се врши континуирано, секојдневно, врз основа на сопствена иницијатива на претпријатието, како и по барања и пријави на граѓани.

Извор: МИА

Loading...