Салмонела од мајонез причина за труењето со храна во кумановската градинка

Сподели со своите пријатели

Салмонела е пронајдена во мостра од мајонез земена во кумановската градинка „Ангел Шајче“ откако десетици деца завршија во кумановската болница со симптоми на труење со храна.

Loading...

Вкупно 61 пријава била доставена за труење со храна до Центарот за јавно здравје Куманово. Кај 31 дете и кај тројца вработени во градинката била изолирана Salmonella Enteritidis, покажуваат наодите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

– Заклучно денешниот ден од почетокот на епидемијата односно од 10.05.2021 година има вкупно пријавено 66 дечиња со симптоми на акутно труење со храна, покачена температура, повраќање малаксаност и чести проливи. Кај 31 детенце е изолирана салмонела. Во тек се испитувања уште на пет копрокултури кои пристигнаа во текот на денешниот ден, вели д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог при Центар за јавно здравје Куманово.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека е направена механичка фезинфекција и чистење на објектот и во моментот нема згрижени деца во занималните каде претходно престојувале оние со симптоми на труење со храна.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека уште од пред четири дена е издадени решение за забрана на работата на кујната и наредба да се спроведе дезинфекција, како и вонредни здравствени прегледи на сите вработени во тој дел.

Како што појаснуваат од АХВ, забраната за работа на кујната и понатаму продолжува до повторно тестирање на брисеви од сите работни површини кои доаѓаат во контакт со храната и добивање на задоволителни резултати.

Наредено е и уништување на небезбедната храна која не одговара на микробиолошките критериуми  за безбедност.

Во меѓувреме кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски најави дека ќе бара одговнорност за случајот од менаџментот на градинката.

Loading...

Никола Ивановски

Leave a Reply