Руската федерација доделува стипендии за студенти од Македонија

Сподели со своите пријатели

Амбасадата на Руската Федерација во Скопје распишува конкурс за прием на државjани на Република Македониjа за студии на високообразовни институции во Руската Федерациjа во 2016/2017 академска година. На запишаните студенти од Македонија, руската Влада ќе им обезбеди стипендија и други услови за студирање и сместување какви што се предвидени и за руските државјани.

Пријавата се пополнува во електронска форма и се поднесува со приложени скенирани документи непосредно на сајтот http://www.russia.study/ (потребна регистрација). Истите може да се поднесат и на хартија до Амбасадата на Руската Федерација.

Рокот на пријавување е до 20 март 2016 година.

Сите уредно пријавени кандидати ќе бидат поканети за интервју кое ќе се одржи на 21 март 2016 година. Оригиналните документи чиишто копии ќе бидат поднесени за учество во конкурсот треба да се достават до Амбасадата не подоцна од денот на одржувањето на интервјуто.

Конечната одлука за прием на кандидатите кои успешно го поминаа конкурсот, ја донесуваат самите образовни установи (факултети) за кои кандидатите аплицирале во своите пријави. Секој кандидат може да аплицира за обука во најмногу 6 универзитети. Доколку кандидат, од кои било причини, биде одбиен од сите образовни установи за кои аплицирал во својата пријава, за местото на неговите студии (факултет) ќе одлучи Министерството за образование и наука на Руската Федерација.

Познавањето на руски јазик не е задолжително за пријавувањето.

Извор: Курир.мк