Рулетот низ кумановските улици во шеесеттите години

Сподели со своите пријатели

Во последно време на нашите улици може да се види вистински рулет, пишува репортерот на „Наш весник“ во далечата 1961 година.

Тоа е една новина, што непријатно ги изненади граѓаните, зашто тие знаат дека коцкањето е забрането. Меѓутоа, овој рулет, под фирмата на Здружението на инвалидите, сосема легално се врти на нашите улици, ги сбоира граѓани околу себе и им „дели среќа“, забележува репортерот на кумановскиот весник.

„Мишко“ била атракцијата на кумановските улици од тој период. Стопанственикот земал 90 отсто, а на играчите им делел само 10 отсто од добитокот и тоа во вид на кутии локуми, бисквити, некои свирчиња и слично. Најчеста жртва на „Мишко“ биле децата, селаните и некои неупатени граѓани.

Но, „Мишко“ не бил единствената атракција во Куманово пред педесетина години. Имало и две „продавници“ на среќа.

– Секако, секој граѓанин можел да види во пазарни денови, а и во другите, како некои луѓе носат крошна со свирчиња, бисквитчиња, лажички и вилички од железо, разни топчиња и други ситни и евтини предмети и како таа своја „стока“ ја продаваат на еден многу духовит начин – преку среќа. Во пликото има број и секој број носи по еден „згодиток“. Секој од овие предмети се продава само по 20 динари, а ниту еден предмет што паѓа на среќа не чини 20 динари, забележува репортерот во 1961 година.

Постоело и глувчето „Мишо“, кое продавало прогнози, судбини, читало ѕвезди и многу други работи и сето тоа низ улиците во градот Куманово. За 20 динари, „Мишо“ можел да „погоди“ што ќе се случи со нивниот живот.

-За жал, многу ученички, млади луѓе и селани, бараат помош од „Мишо“ и му ги полнат џебовите на неговиот сопственик, кој патем речено, е здрав и способен за работе. Некои наши граѓани протестираат против ваквиот начин на измама на нашите луѓе, пред се, на децата, но без успех, зошто сите овие „трговци“ или „работници“ како тие самите се нарекуваат, имаат уредни документи за вршење на својата работа. Со други зборови: нашата заедница им одобрила да ги плачкосуваат неупатените и децата, заклучува репортерот.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 4 (петок, 15 декември 1961. година)

Leave a Reply