Реакција на колумна на Дејан Ристов „Заблудата на СДСМ“

Сподели со своите пријатели

Ние ја разбираме неизвесноста која деновиве навлезе во редовите на партијата на власт, партија која пречесто си дозволува да се поистоветува со заедничката држава. Сигурни сме и дека неизвесноста и неминовното полагање сметка за сиот криминал направен последнава декада остава особено силен впечаток кај помладите членови и функционери на ДПМНЕ.

Сепак ова не е доволно добро оправдување за напишаното во овој текст, во кој секретарот на ДПМНЕ за Куманово конечно ја помина линијата на пристојноста, на која во неколку наврати опасно и се приближуваше во изминатиов период.

Линијата на коректно политичко однесување секретарот ја поминува имплицирајќи дека ние не ја разбираме свеста на македонскиот граѓанин и идеологијата на неговата „организација“, наивно и замислено сметајќи дека двете се едно те исто. Кога е во прашање идеологијата на неговата партија, мораме да го информираме дека веќе извесно време е познато, буквално на сите, дека долгата рака на вмро цело време, всушност е во нашите џебови. Секретарот не сака, или не може, да забележи дека неговата партија самата направи се што беше потребно за да целосно и недвосмислено биде одделена од историскиот кредибилитет на илинденците, кој кукавички се обидуваше сите овие години да го присвои.

Секретарот, а ни било кој од неговата партија, не мораат да се грижат околу тоа дали амбициите на Димитриев ќе нараснат до ниво што ќе го натераат да се излаже и направи обид за преземање на власта. Никој во ДПМНЕ во догледно време не треба да се грижи околу преземање власт, сега е време што подобро и поквалитетно да се спремаат одбраните за на суд. Причините за ова, доколку е љубопитен, секретарот може да ги бара во оставката на неговиот лидер, Поглавникот Груевски. Зошто мораше да биде дадена оставката, која едно време беше сметана за кукавички чин од истиот кој ја даде? Зошто мораше да падне оставка и да биде напуштен мандат, кој нели бил добиен легално и давал легитимитет? Економијата прва, никој не се отселува, сите задоволни од здравството и образованието, а сепак криза и сепак оставка. Зошто?

Милува секретарот во оваа прилика, како и во други, да зборува за нешта кои одамна го имаат изгубено значењето за неговите сопартијци. Сака особено да зборува за љубовта кон народот и државата. Овде би сакале да го потсетиме дека едната половина од луѓето на кои неговата партија им изгради споменици во главниот град, ја има убиено или го има нарачано убивањето на другата половина и дека неговата партија, според она што го прави изминативе десет години, докажува дека потекло води не од илинденското ВМРО туку од подоцнежното, откако народното движење за ослободување на македонците беше узурпирано, инструментализирано и криминализирано (и бугаризирано). Секоја споредба со моменталната состојба во која се наоѓа неговата партија е апсолутно намерна.

Друга омилена тема на секретарот е клиентелизмот во редовите на СДСМ. Ние сме изненадени од спремноста на младиот демохристијанин да пишува јавно на оваа тема. Во неколкуте прилики во кои тој има пишувано за ова, ние како младинска организација имаме одолеано, поради задржување на нивото на јавен дискурс, да го потсетиме дека пред да ја започне својата политичка кариера во рамките на нашите противници, има направено обид иста таква да започне во нашите редови. Обидот за започнување, од негова страна, секако вклучуваше барање за вработување, упатено на неколку директни средби со висок функционер од нашите редови. Поради ова сметаме дека нему лично му е одлично познато дека од клиентелизмот во СДСМ нема нипто и неговите ставови на оваа тема ги сметаме само за одработување на она што не му појде од рака во нашата партија.

Што се однесува до љубовта за семејството, добронамерно му препорачуваме на секретарот со своите пишувања да не го предизвикува бесот на родителите чии деца мораа да се отселат во изминатиов период. Отселувањето на младите од Македонија во изминатава декада е без преседан. Тоа воедно е и најдобриот доказ дека партијата на секретарот нема никаква врска со илинденците, затоа што да беше така иселувањето ќе ги запалеше сите аларми и ќе беше преземено буквално се што треба за да биде сопрено, освен ако секретарот не смета дека тоа е направено со славните 600 работни места дневно. Настрана сиот криминал од последнава декада, бројот на иселени, доминантно млади луѓе е доволен партијата на секретарот да биде окарактеризирана како најантимакедонската и најантидржавната организација од поновата наша историја.

Јавните настапи на секретарот Ристов, и покрај тоа што бараат реакција, сепак не изненадуваат вистински. Тој покажува само дека се има целосно адаптирано и дека го имаат добро обучено да оди право по линијата на тупа пропаганда. Мотивацијата за ваквите напади всушност лежи во историскиот комплекс на неговата партија и нивните михајловистички претходници од неспособноста на било каков значаен начин да се вградат во македонската државност. Ние сме целосно свесни дека никогаш нема да ни биде простен АСНОМ, никогаш нема да ни биде простена оснивачката улога која Македонија ја има во формирањето на ООН како резултат на која македонскиот јазик влегува на мапата на светски јазици, дека никогаш нема да ни биде простен успешниот референдум (за кој ДПМНЕ беше против) и дека никогаш нема да ни биде простен кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Овде всушност се работи за омраза, која секогаш кога доаѓа од нивна страна е добродојдена. На страна од најзначајните моменти за нашата државност, партијата на секретарот не е способна ниту за нормално управување со општествените секојдневни процеси, поради што на крајот на секое нивно владеење Македонија едвај стои на нозе.

Нашата политичка улога во модерната македонска историја може во најголем дел да биде сведена на расчистување на хаосот по владеењето на „патриотите“. Минатиот пат моравме да преземеме земја на раб на граѓанска војна за да по 3 години за истата обезбедиме кандидатски статус за членство во ЕУ.

Она што секретарот и неговите сопартијци не разбираат е дека патриотизмот денес мора да има содржина, дека е кроток, стабилен, промислен, и своите резултати ги мери единствено преку степенот на благосостојба на просечниот македонски граѓанин, поле на кое неговата партија катастрофално има потфрлено.

            Пишува: ЛК СДММ Куманово