Skip to content

Ратификацијата на Договорот со Бугарија и законите за ОТА на 15 јануари пред пратениците

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за 15 јануари ја закажа седницата на која пратениците ќе го разгледуваат предлог-законот за ратификација на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија кој го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август минатата година во Скопје.

На истата седница, точки на дневен ред се и законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, во прво читање, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од извештаите на експертскиот тим на Европската комисија предводен од Рајнхард Прибе.

Пратениците на 15 јануари ќе расправаат и за законските решенија за Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, како и Законот за Народниот правобранител. Со измените на овие закони треба да се зајакнат контролните механизми врз работата на полицијата, односно предвидуваат формирање на посебни одделенија во Обвинителството и во судот за истражување и гонење на кривични дела сторени од полициски службеници и припадници на затворската полиција.

Инаку, Собранието со работа по Новогодишните празници ќе почне на 9 јануари, за кога се закажани продолженија на шест седници на ко дел од точките на дневен ред останаа незавршени од минатата година.

На дневен ред на една од ние е Законот за употреба на јазиците, како и именувањето на Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за судии во Уставниот суд.

Истиот ден Собранието треба да ги гласа и измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше Специјалното јавно обвинителство и законот со кој се укинува Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка.

За в среда е закажано и продолжението на седницата за интерпелациите на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, за финансии, за култура и за животна средина и просторно планирање, Љупчо Димовски, Мила Царовска, Драган Тевдовски, Роберт Алаѓозовски и Садула Дураку.

Извор: МЕТА.мк

Loading...

 

Услови за преземање содржини

Надворешните линкови преку маркетинг платформата MGID се одговорност на самиот огласувач, и порталот Кумановски Муабети не сноси никаква одговорност за пласираните информации.