Распишан тендер за решавање на водоснабдувањето во село Пчиња (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово ќе ги испитува алтернативните извори за водоснабдувањето на село Пчиња, со што треба да се изнајдат решенија за проблемот на граѓаните на овој дел од Куманово.

Локалната самоуправа веќе распиша оглас до Бирото за јавни набавки на Република Македонија за изработка на основен проект на добивање на е-дозвола за водоснабдување на селото Пчиња.

Според градоначалникот Максим Димитриевски, Куманово наскоро ќе слави пет века постоење, а се уште има населени места во руралните и урбани делови од градот каде нема квалитетно водоснабдување.

– Куманово ќе слави пет века постоење, а сепак се уште има населени места, села, па дури и делови на градот каде што го немаме решено водоснабдувањето. Еден од посериозните проблеми е и проблемот со водоснабдувањето на село Пчиња. Таму граѓаните се снабдуваат со вода од алтернативни бунари кои што претежно ги имаат сами инвестирано и истите во најголем дел водата што ја користат не е добра за користење, т.е. за пиење. Општината распиша постапка со која ќе изврши дополнително испитување и бушотини на одредени локации во село Пчиња со што ќе се обидеме да најдеме нови извори кои што би можеле да ги користиме како алтернативно снабдување со вода на самото место, изјави Димитриевски.

Loading...

Првиот човек на Куманово изрази надеж дека во најкраток можен период ќе се дојде до конкретни резултати кои треба да покажат како треба да се пристапи кон решавањето на проблемот.

– Ние го отпочнавме тој процес, тој е во тек и се надевам дека во најкраток можен период ќе дојдеме до конкретни резултати дали општината ќе пристапи со ваков вид на водоснабдување на селото или ќе мора алтернативно да ја дисперзира веќе постоечката водоводна мрежа во градот, додаде Димитриевски.

Проценетата вредност на тендерот е 1.200.000 денари без ДДВ и постапката треба да трае од 10 до 15 дена.

Leave a Reply