Распишан конкурсот за Ноемвриска награда

Сподели со своите пријатели

По повод „11 Ноември“ – Денот на ослободување на Куманово, Општината Куманово и оваа година ќе ја додели традиционалната “Ноемвриска награда”, како израз на највисоко општествено признание што се доделува за посебни постигнувања во одделни области.

Според Одлуката, Ноемвриската награда се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници чие дело односно резултати во работењето и делувањето претставуваат посебно остварување во областите на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период.

Делото, односно постигнувањата да бидат достапни на јавноста до 11 – ти Октомври годинава, а авторот на делото да е жител на Општината Куманово, организацијата или заедницата да е од Општината Куманово, односно делото и постигнувањата да се тематски врзани за Општината Куманово.

Право на предлагање на кандидати за Ноемвриска награда на Општината Куманово имаат претпријатијата, установите, здруженијата, месните заедници, група граѓани и поединци.

Ве молиме предлозите за доделување на Ноемвриската награда со образложение во писмена форма да ги доставите до Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија, најдоцна до 31 – ви Октомври оваа година, a по истите ќе одлучува новоформираната Комисија за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди, која ќе биде избрана по конституирањето на новиот состав на Советот на Општина Куманово, стои во соопштението од локалната самоуправа.