Пуштена во употреба градинката во Пионерски дом (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Шеесетина дечиња од Куманово на возраст од девет месеци до шест години од денеска ќе ги користат услугите на новиот објект на Детската градинка „Ангел Шајче“ кој ќе го носи името „Детелинка“, а ќе биде сместен на првиот кат во реконструираниот објект на поранешниот Пионерски дом.

 

Loading...

 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски со сечење лента го пуштија објектот за чија реконструкција беа потрошени пет милиони денар, средства обезбедени од централната власт.

 

 

Нашата цел како Влада е за 50 отсто да го зголемиме опрафтот на деца во предучилишно образование и интензивно отвараме нови објекти, вели Царовска.

– Тоа е инвестиција која навистина мислам дека секогаш ќе даде резултати, затоа што вложувањето и инвестицијата во најмладите даваат економски пораст и економски развој на државата многу подоцна, но ние сите ќе бидеме сведоци како за десет години овие деца кои што ќе учат во оваа градинка ќе имаат подобар старт во основно и средно образование и понатаму многу повеќе ќе вложуваат во развојот на нашето општество, изјави министерката Царовска.

 

Loading...

 

Како што посочи Царовска, квалитетот на предшколското образование ќе се подобрува со проект на Владата и Светската банка кој треба да ги прилагоди програмите на новите општествени текови.

 

 

Во Пионерскиот дом изразнаа генерации на деца, кои сега се возрасни луѓе, објектот беше оставен на забот на времето, но конечно успеавме еден дел да го реконструираме во детска градинка, рече градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој додаде дека ќе се прават напори со ресорното министерство и останатиот дел од објектот во иднина да прерасне во детска установа.

– На овој начин ќе дадеме можност шеесетина деца од нашиот град и нашата општина да бидат згрижени во овој објект и да го почувствуваат она што го чувствуваат и останатите дечиња во нашиот град, а тоа е да земат активно учество во процесот на преучилишната едукација и затоа уште еднаш во мое име и во име на граѓаните на Општина Куманово се заблагодарувам на сите оние кои што дадоа допринос овој проект да се трансформира во една успешна приказна и воедно сакам да ја истакнам нашата желба и заложба за создавање на дополнителни добри дела за кои се надевам дека ќе наидеме на поддршка од централната власт, од Владата и ресорното министерство, изјави градоначалникот Димитриевски.

 

 

Според директорката на градинката „Ангел Шајче“ Марина Алексовска ова ќе биде простор во кој ќе се згрижуваат, воспотуваат и едуцираат децата од предучилишна возраст.

– Ова е осми објект од градинката која постојано расте, се проширува и осовременува, новиот објект како што кажаа самите деца се вика „Детелинка“, рече Алексовска.

Објектот „Детелинка“ е вториот објект во целиот град, а прв во централното подрачје кој нуди јазли за целодневен престој на најмалите дечиња.

Leave a Reply