Пуштен во употреба новиот Ургентен центар во Куманово (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Новиот Хирушки ургентен центар во Куманово денеска свечено беше пуштен во употреба од страна на премиерот Зоран Заев, како и министрите, за здравство Венко Филипче, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и за политички систем Садула Дураку.

Loading...

Новиот објект е во рамките на Општа болница Куманово и ќе опслужува над 200.000 пациенти од целиот североисточен регион.

Годинава според премиерот Заев за кумановската болница се трошат 1,3 милијарди денари, но и за болниците во Штип, Кичево, Струмица, а до крајот на годината да заврши и постапката за скопскиот клинички центар. Тој упати порака и до здравствените работници.

– Голем дел од нив се денеска тука, тоа се лекарите, медицинските сестри, болничари, останете дома, останете во нашата земја, ние ќе се потрудиме да ги растеме платите да ги подобриме условите на вашето работење, заради тоа што никаде не е како дома и второ дефинитивно им требате на граѓаните заради тоа што Македонија со своите средства ве едуцирала и образовала и еве продолжуваме со средствата на граѓаните да ги растеме и платите и приходите кои треба да бидат доволна мотивација за сите, рече Заев.

Новиот Ургентен центар во Куманово, според министерот за здравство Венко Филипче значително ќе го олесни третманот на пациентите, затоа што на исто место ќе добијат различни видови прегледи и понатамошен соодветен третман.

Loading...

– Ние продолжуваме да работиме на плановите за следните инвестиции во овој Ургентен центар и со директорката веќе разговарамве за нов компјутерски томограф и ултразвучен апарат. Во изминатата година и пол дена се примија огромен број на вработени, како никогаш до сега, капацитетот во однос на кадарот во оваа болница се зголеми за 10 проценти, понатаму се додадоа 12 специјализации, сега младите колеги ќе аплицираат за тие специјализации и субспецијализации, изјави Филипче

Министерот Филипче изрази надеж дека ќе се дооформи и Центарот за дојка, а родилиштето ќе се зајакне.

Според директорката на болницата Снежана Захариева, пациентите во новиот Ургентен центар ќе добијат комплетен третман, за разлика од порано да одат низ различни објекти во болницата.

– Овде ќе добијат комплетна услуга и ќе имаат можност да бидат прегледани и оние кои дошле со матичен упат и оние кои дошле поради некоја ургентна и животнозагрозувачка состојба. Тука ќе имаме и добра екипираност на кадарот, сите ќе бидат на едно место, што дава една подобра можност за меѓусебна комуникација, консултација и решавање на најтешките случаи, изјави Захариева.

Loading...

Министерот Филипче кон почетокот на минатиот месец најави дека објектот ќе биде пуштен во употреба за две недели, но сепак се доцнеше со употребната дозвола. Изградбата на целиот Ургентен центар граѓаните ги чинеше 900.000 евра.

Leave a Reply